Лозарите утре на протест, лути и на винариите и на владата

Лозарите од Тиквешијата утре излегуваат на протест, најпрво пред општина Кавадарци, па ако не се најде решение, ќе излезат и на улица. Револтирани се од винарските визби, зашто според нив, ги уценувале за годинешниот откуп на грозјето.

Од здружението „Напреден лозар“ бараат по 16 денари по килограм за смедеревката, и 18 денари за вранецот. Тие се лути и на министерството за земјоделство, кое според нив, не било многу заинтересирано да помогне во решавањето на проблемот.

Министерот пак денеска рече дека не може директно да влијае во преговорите меѓу лозарите и винариите, само може да помогне да се најде заедничко решение меѓу засегнатите страни за определување на откупната цена на грозјето.

– Не можеме ни да излеземе со конкретни предлози за интервентни мерки бидејќи е почеток на бербата. Треба да видиме како ќе помине реколтата и сезоната, а потоа да размислуваме за евентуални интервентни мерки и дали и колку ќе треба да се интервенира од државата. Од искуство ќе биде многу полошо доколку се направат пред откупот било какви интервентни мерки затоа што ќе се вкалкулираат во откупната цена, рече министерот за земјоделство Трајан Димковски.

Правиме се за да се најде решение меѓу винарниците и лозарите, вели за Алфа првиот човек на Кавадарци. Според градоначалникот Митко Јанчев, ако цената на грозјето биде под рентабилноста, ќе се прават напори државата да одобри нова интервентна мерка.

Ако визбите останат на овие цени, лозарите ќе бараат од државата дополнителни субвенции по килограм, со што вкупната цена на грозјето да биде над производната.

Лозарите се пожалија дека земјава има дупло пониски откупни цени на грозјето од соседните земји, па побараа и отворање на странските пазари. Тие повикаа стручни лица да се вклучат во следењето на реколтата, одредувањето на зрелоста и шеќерните единици на грозјето, со цел да не се прави манипулација од, како што ја нарекоа „винарската олигархија“ во Тиквешијата.

Борис Грујоски