Лозарите со контра удар за Хоџа: „Ние не сме политички инструирани, туку вие сте!“

Додека го чекаат резултатот од утрешната средба помеѓу винариите и Владата, а која им ја вети ресорниот министер Хоџа за јасно дефинирање на откупните цени на грозјето, тиквешките лозари, дополнително изиритирани од  неговата последна изјава дека биле политички инструирани. Тие тврдат дека ниту биле политички инструирани, ниту пак терале политика, туку дека само си бараат достојна цена за вложениот труд, а ако некој терал политика, тоа била власта, односно министерот.

Каде има политика ?! Ај, да видиме, јас телефонот ќе го дадам, да видиме дали некој како Здружение ми се јавил мене од партија?! Па, сами луѓето си го организираа ова тука, тие што чекаа 70 луѓе и нивните фамилии дојдоа…јас не повикав пред „Тиквеш“ кога бев – да повикам, ајде луѓе…Ако има политика, лично има од министерот и вината е од министерот…бидејќи кој го натера него на штрајкот да ги донесе, ајде нас ни вика градоначалникот како домаќин на општината Неготино, да го пречекал, ами што мајка бара Панчо Минов, што мајка бара тој советникот на градоначалникот, и тоа до министерот стојат и се вмешуваат во муабетот…?!“, вели Дано Јошев, претседател на Регионалното здружение „Тиквешки лозаро-овоштари“ од Кавадарци.  

Обвинувањата на министерот Хоџа дека протестите на лозарите имаат политичка позадина, ги налути и останатите македонски земјоделци. Од новоформираните тутунски здруженија велат дека во реакцијата на министерот ја препознаваат истата шема како и при нивните протести пред ланскиот откуп на тутунот и се закануваат дека во знак на солидарност и на поддршка на лозарите, повторно ќе го активираат сеземјоделскиот „Петровденски“ протест.

Недозволиво стана, министерот секој револт и секое незадоволство што се јавува оправдано кај земјоделците да се етикетира на ваков начин., туку и да се дава по политички етикети дека земјоделците некој ги манипулира и политички ги мотивира. Самото незадоволство, самата девалвација на нашиот труд, се мотивираат земјоделците и си протестираат, си ги бараат правата, си бараат маката да им се исплати….Министерот така ги наруши нашите протести, ги етикетира како политички, сега истото им се прави и на лозарите..“, посочува Игор Мирчески, координатор на новоформираните тутунски здруженија.

Инаку, во текот на денешниот ден, откупот на грозјето во Тиквешијата бил катастрофален, вели Дано Јошев. Според него, во Кавадарци било мртвило. Само еден откупувач откупувал и тоа по старите, пониски цени, односно по 11 денари за „вранецот“со исплата на три рати, или по 10 денари во готово. Јошев се сомнева дека винариите тактизираат до утрешната средба во Владата.

Каролина Дурло    

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста