Лончар: Втората доза на Астра Зенека македонските граѓани ќе ја добијат во Србија

Нема веќе експрес вакцинација за македонските државјани кои на своја рака ќе се појават на српските вакцинални пунктови. Оние кои сакаат да се вакцинираат во Србија, а немаат српски документи, ќе мора да аплицираат на веб страницата е – управа и да чекаат потврда за термин, вели српскиот министер за здравство, Златибор Лончар. Сепак, оние македонски државјани, кои ја примија првата доза од вакцината на Астра Зенека во Белград, Ниш или Врање, ќе може да примат и втора доза во Србија кога ќе дојде времето за ревакцина.

„На граѓаните кои примија прва доза од вакцина против Ковид 19 во србија она што најмалку можеме да направиме е да им обезбедиме ревакцинација тука. Тоа е наш принцип, но секогаш може да се договориме, бидејќи имаме евиденција на тие граѓани. Ако се договориме и на тој начин е полесно, тие дози може да ги отстапиме на Македонија и таму да се организира вакцинирањето. Тоа дополнително ќе го договориме, има уште 12 недели до ревакцина“, рече министерот за здравство на Србија, Златибор Лончар.

Министерот за здравство Венко Филипче беше во официјална посета на институтот Торлак во Белград, каде веќе почна производството на руската вакцина Спутник В. Иако пред неколку дена Филипче децидно тврдеше дека вакцини од Србија нема да се нарачуваат, сега со поинкава реторика- вели Торлак станува стратешки партнер на Македонија за набавка на вакцини.

Во изминатите три месеци во Србија се вакцинирале околу 15.000 граѓани од Македонија. Најголем дел го искористија повикот на српските власти за бесплатна вакцинација во Белград, но голем дел македонци вакцина добија преку своите работни организации, стопанските комори и македонско – српски здруженија.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста