Локализиран пожарот во зградата на СЕП, во објектот не работел ниту еден хидрант
Шест простории на Министерството за животна средина изгореа во пожарот кој избувна утринава, каде сега се наоѓаат повеќе државни институции меѓу кои Секретаријат за европски прашања и Македонската информативна агенција. Сложена интервенција на пожарникарите во просториите на некогашната Комерцијална банка, чии ѕидови помеѓу канцелариите се од гипс картон и стакло.
Кога настанал пожарот, во просториите се уште не биле пристигнати вработените, оти работното време им започнува во 8 и 30 часот, токму поради тоа, немаше жртви. Неофицијално, проблеми со електричната инсталација биле причината за пожарот.
24 пожарникари со 9 противпожарни возила, интервенираа утрово на пожарот кој избувна во просториите на Министерството за животна средина и Инспекторатот.
Поради вдишување на опасниот чад, на еден од пожарникарите му била дадена кислородна поддршка од страна на Брзата помош.
„Стануваше збор за сложена интервенција бидејќи простории на некогашна ‘Комерцијална банка‘ се преградувани со гипс картон и стакло за да се изведат канцеларии. Не можевме од внатре да пристапиме до пожарот, па моравме од надвор да кршиме стакла за да го локализираме. Проблем беше што во 7 часот кога пристигнавме немаше ниту еден вработен да ни даде шема за пристап во просториите“, вели командирот на Противпожарната бригада Владимир Симоновски.
Пожарот беше локализиран 10тина минути пред 9 часот, но пожарникарите се уште на терен. По расчистувањето на просториите, ќе се работи на официјално утврдување на причината за овој случај.
Адријана Алексиеска