Лицата со телесен инвалидитет се уште се соочуваат со барикади

Лицата со телесен инавлидитет од Битола и околните места, со дефиле по тринаесетти пат на Широк сокак, уште еднаш го кренаа својот глас дека како ранлива општествена група се соочуваат со архитектонски и други бариери, стереотипи и предрасуди. Како да се стигне до пристапите, кога се блокирани во секоја прилика, или пак воопшто ги нема, прашуваат лицата со најтежок облик на телесен инвалидитет?

– Се соочуваме со бариерите и не можеме да слегуваме од ивичњаци, на пристапите коли ни паркираат- рече Стојанка Ристевска.

– Секаде е проблемот, тротоари каде што имаме кај патеките има коли, точаци и сегде се паркираат Ги молиме да ги тргнат и мораш да чекаш по пола сат дури да дојде газдата на колата- рече Сука Џеловска.

Покрај несовесните граѓани, дури и градските татковци не ги решиле основните проблеми за телесните инвалиди, бидејќи Општината и другите локални институции немаат изградено пристапи за овие лица.

– Состојбата со бариерите не е задоволувачка. Првин државните органи, Општината и другите институции се непристапни. Во овој момент се работи да се направи пристап во Општината до градоначалникот и Советот, Домот на културата, а единствено попристапен е Завод и музеј- рече д-р Нико Јанков, претседател на Здружението на телесни инвалиди “Мобилност“ од Битола, кои се организатори на настанот.

– Свесни сме дека постојат проблеми за овие лица, но ние сме решени да ги решаваме проблемите. Во тек е постапка за пристап до општинската зграда за набавка на мобилна рампа и возило со кое ќе може да се врши превоз на инвалидизираните лица низ градот- рече Валентин Груевски, претседавач на Советот на Општината Битола.

На ниво на држава, иако е потпишана Меѓународната конвенција за правата на лицата со телесен инвалидитет и веќе девет години е донесена соодветна законска регулатива, сепак во пракса изостанува примената. Во Македонија има регистрирано над 9. 000 лица со телесен инвалидитет, а се претпоставува дека оваа бројка е двојно поголема . Во Битола и Регионот се регистрирани 1. 100 лица и реално ги има многу повеќе. Но, и со такви факти, на денешното дефиле, со исклучок на градоначалникот на Новаци и претседавачот на Советот на Битола, недојде ниту еден градоначалник од Пелагонискиот регион за да им даде поддршка, макар и декларативна.

Петар Стефановски