Листата со затвореници за помилување повлечена, на неа се најдоа Нинџа, Кочан и Илиќ

Дали македонските власти прават пробен тест како јавноста ќе реагира ако се помилуваат најконтроверзните осудени лица во Македонија? Министерството за правда предложената листа, со осудени лица да бидат помилувани од издржување на дел од затворската казна или за целосно помилување, ја повлече. На неа беа 48 осудени лица, а меѓу нив и Александар Василевски – Нинџа, главнот сведок на Обвинителство за 27-ми април 2017 година, подоцна осуден за тероризам за истото дело. На списокот за помилување како предлог до претседателот Стево Пендаровски се и бизнисменот Сеад Кочан, како и Бобан Илиќ осуден за убиството на четиригодишниот Алмир во Куманово.

Од предложениот список на министерот Бојан Маричиќ за 45 лица се бара делумно помилување, а за тројца целосно.  Списокот веќе предизвика револт во јавноста, а и несогласувања помеѓу функционерите во власта. Прв замерка даде заменикот на Маричиќ, Агим Нухиу, кој преку социјалните мрежи се огласи дека не се согласува со оваа одлука и напиша оти нема да даде поддршка за помилувањата на одредени затвореници кои со своите криминализирани дела ги вознемирувале граѓаните и ги разнишале темелите на државата. Министерот Маричиќ се правда дека тој не дал никаков предлог за помилување туку листите ги добивал од директорите на затворите.

„Би сакал да објаснам дека министерот за правда не дава никаков предлог за помилување во овој случај ова се специфични помилувања бидејќи се работи за групни помилувања по повод Нова година кои се одвиваат секоја година и листите кои се предложени ги прават директорите на затворите. Мислам дека дел од спорните имиња нема ни да се најдат на листите. Значи, предлог листите се од затворите а не од Министерството за правда. Тие листи поминуваат низ четири филтри“ рече во понеделникот министерот за правда од СДСМ Бојан Маричиќ за Утрински брифинг.

Во меѓувреме стигна известување на Кабинетот на Пендаровски дека е откажан состанокот на Комисијата за помилувања, а истовремено велат дека не добиле списоци со затвореници за кои се предлага да бидат помилувани пред Нова година.  

Инаку, за сега е познато дека бизнисменот Сеад Кочан бара да добие намалување на затворската казна за шест месеци. Постојат шпекулации дека намалена казна бара и Нинџа како и Илиќ. Но, овие информации до сега никој ги нема потврдено, ниту демантирано.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста