Листа на партиски желби за измена на изборниот законик

Се множат партиските желби за измени на изборниот законик.Од една па до осум изборни единици и за отворени листи. Алијанса на Албанците смета дека се потребни осум изборни единици. Од партијата велат дека на тој начин ќе се постигнела правична застапеност.

“Предлагаме осум изборни единици затоа што преку организација на пропорционални избори со осум изборни единици и отворени листи ја постигнуваме најправедната и најдемократска политичка застапеност која одговара на Македонија од сите аспекти: регионален, демографски, етнички”, вели Ремзија Мехмеди, потпрестедател на Алијанса за албанците.

Судејќи по ставот на БЕСА очигледно е дека Заев нема договор во коалицијата ниту за ова прашање како и за влада со опозицијата.

“Нашиот предлог е за три изборни единици и отворени листи. Овој модел ќе ја зачува територијалната застапеност, но ќе им овозможи на партиите на етничките заедници да се натпреваруваат со нивни листи за пратеници. Отворените листи ќе придонесат за квалитативен и директен избор на пратеници од гласачите. На овој начин ќе се зголеми политичката тежина на избраниот пратеник и ќе има автономија во претставувањето на потребите на нивното гласачко тело”, вели Кастриот Реџепи од БЕСА.

Пред неколку дена Демократски сојуз, ДОМ, Левица, ВМРО-НП, ЛДП и СДСМ поднесоа до парламентот предлог за измени на изборниот законик. Да има една изборна единица, според пропорционален модел, без изборен праг.

ВМРО-ДПМНЕ не е против вакви измени, но најголемата опозициска партија смета дека треба да има изборн праг од три проценти за освојување пратенички места.

ДУИ смета дека треба да постојат три изборни единици. Интегративците се со став дека ако има една изборна единица ќе се намали и бројот на пратеници Албанци.

Помалите политички партии сметаат дека со една изборна единица ќе имаат поголеми шанси за освојување повеќе народни избраници.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста