Лидерска без договор – Мицкоски и Заев со меѓусебни обвинувања

Седум часа натегања меѓу лидерите на власта и опозицијата наместо решение донесоа дополнителен јаз и продлабочување на политичката криза. Заев и Мицкоски со различни ставови по лидерската средба но и меѓусебни обвинувања. Разговорите запнале околу предлогот на власта за надлежноста која треба да ја добие новото обвинителство за гонење висока корупција но и во чии раце треба да завршат предметите на СЈО.

Според опозицијата, Заев дошол на лидерска со намера истата да не успее.. Мицковски обвини дека премиерот го одбил предлогот на ВМРО-ДПМНЕ новиот обвинител по предлог на опозицијата и новото обвинителство да се занимава со корупција на избрани и именувани лица без разлика кога тој криминал е сторен. Мицкоски тврди дека власта не сакала да се откаже од механизмите за контрола над обвинителството.

-Практично понудата на Заев беше ново СЈО водено од страна на еден од десеттемина помошници на Катица Јанева како офанзивна алатка, обвинителство кое што ќе го води Русковска како дефанзивна алатка и сето тоа управувано и раководено до Јовевски. Кој беше нашиот предлог. Нашиот предлог беше, во ред се согласуваме да постои јавно обвинителство за гонење на висока корупција, во ред се согласуваме да опозицијата предложи обвинител кој што ќе води тоа обвинителство, во ред се согласуваме надлежностите кои што ги кажавте,. А кои што се однесуваат на гонење на криминал на лица кои што се избрани и именувани, но доколку сакаме договор ние мораме да ги почитуваме законите а законот, специјалниот закон за специјалното јавно обвинителство е јасен. По престанок на мандатот на специјалната јавна обвинителка, престанува и мандатот на нејзините помошници и тие се враќаат во матичните обвинителства од каде што дошле, изјави Мицкоски.

Премиерот Заев пак обвини дека опозицијата сакала со закон да ја запечати судбината на предметите на СЈО и да запрат сите предистраги и истраги за предметите по 30 јуни 2017-та. Не отстапува од предлогот новото обвинителство да формира случаи од сега за понатаму,а предметите започнати до Јанева да продолжат да се процесуираат на суд.

-Предложивме тоа Обвинителство за висока корупција да биде основано, да биде обезбедено со ресурси, да биде финансиски независно, исто како што беше и досега предвидено во преговорите, и да дојде предлогот за обвинител од страна на опозицијата за да се генерира довербата, и да почне да истражува висока корупција. Да формира случаеви кои што се однесуваат од сега за понатаму, но може да се однесува и за предмети од 2013, од 2017, во зависност дали според кривичниот законик некој предмет е застарен или не. Значи, тоа обвинителство може да го гони и градоначалникот Заев од 2015 година, некоја друга фигура, од сегашната или од претходната власт, но да отвора предмети, рече Заев.

По обвинувањата на Заев дека случајот Рекет води до Мицкоски, опозицискиот лидер го предупреди премиерот дека свиркачи во ВМРО-ДПМНЕ донеле исказите кои се дадени кај обвинителката која што го води предметот Рекет. Но, истовремено и нардебите за вештачење, како и резултатите од вештачењето. Најави дека доколку не се води транспарентна постапка за скандалот ќе ги објави сите записи.

Ивана Соколовиќ Најдова