Лидерите се договорија: Предизборните активности стопирани до 22 март, неизвесно и одржувањето на изборите

Короната ги стави политичките активности на „стенд- бај“. Лидерите на партиите се договорија- до 22 март нема да има никакви предизборни активности. А во прашање е доведено и самото одржување на изборите на 12 април, се ќе зависи од состојбата со вирусот Ковид 19 во Македонија. Лидерот на опозицијата, порача дека во овој момент политиката не е во прв план, најважно е здравјето на граѓаните.

-Заклучно со 22 март ги замрзнуваме сите активности кои што се поврзани со предвремените парламентарни избори. Дали има логика и дали ќе се одржат, се договоривме во тие телефонски разговори дополнително да ја следиме ситуацијата и да носиме заклучоци. Се разбира дека во овој момент тоа не е прв приоритет, прв приоритет е како да се заштитат граѓаните, како да се зголеми превенцијата од ширење на овој коронавирус меѓу граѓаните, да не зголемува паниката меѓу населението, изјави Христијан Мицкоски.

Задоволство од постигната согласност меѓу лидерите на политичките партии изрази и техничкиот премиер Оливер Спасовски. Според неговите зборови одржувањето на изборите зависи од тоа како ќе се развива ситуацијата со коронавирусот во Македонија.

-За сите нас здравјето и животот на граѓаните е поважно од било што друго. Секако дека како ќе развиваат ситуациите, јас замолив и на лидерската средба дека ќе бидеме тука, ќе бидеме отворени сите заедно да седнеме и да решиме што е тоа што е во најдобар интерес за граѓаните, изјави Спасовски.

И од коалициониот партнер на СДСМ во власта, дуи потврдуваат дека следува мораториум на сите предизборни активности до 22 март, кога лидерите на партиите повторно треба да седнат на маса и да одлучат што понатаму, согласно околностите.

Резерва околу одржување на изборите на 12 април изрази и претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, порачувајќи дека доколку бидат одложени изборите, немало да биде крај на светот.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста