Лидерите на ЕУ вечерва ќе се договарат за наследниците на Јункер и Могерини

Лидерите на ЕУ денеска ќе се сретнат во Брисел за да преговараат за личностите кои ќе ги предводат клучните институции на ЕУ во следните пет години, откако изборите за Европскиот парламент го разбрануваа политичкиот спектар во Европа.

Шефовите на држави или влади на членките на ЕУ ќе имаат работна вечера, за да се договорат кој ќе биде наследникот на Жан-Клод Јункер на функцијата претседател на Европската комисија.

Тие, најверојатно, ќе ги разгледаат и можните кандидати за претседател на Европскиот совет, за висок претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, функција што досега ја извршуваше Федерика Могерини, како и за прв човек на Европската централна банка.

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека сака брз договор за тоа кој треба да ја предводи Европската комисија, која предлага и ги спроведува законите на Унијата.

На изборите за Европскиот парламент, Европската народна партија (ЕПП) освои најголем број мандати – 179, но за да обебзеди мнозинство, же мора да формира коалиција со најмалку две други партии.

Засега е неизвесно дали ЕПП ќе ја продолжи коалициската соработка со второрангираната група на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), имајжи предвид дека нејзиниот лидер Удо Булман изјави дека конзервативците ја загубила политичката моќ на изборите и оти не може да бараат тие да решаваат кој ќе биде новиот претседател на Еврокомисијата.