Човек обвиен со албанско знаме ја искорнал таблата на Kонзулатот на Србија во Куманово
Амбасадата на Република Србија во земјава денеска преку соопштение најостро го осудува вандалскиот чин што се случи вчера кога од фасадата на зградата на Конзулатот на Република Србија во Куманово, во доцните вечерни часови, младо машко лице, обвиено со албанско знаме, насилно ја отстранило таблата со грбот на Република Србија и натписот „Конзулат на Република Србија во Куманово – Почесен конзул“, напишан на српски и македонски јазик.
Притоа, се посочува понатаму во соопштението, Амбасадата на Република Србија во Скопје изразува длабока загриженост во врска со вчерашното сквернавење на државните симболи на Република Србија и загрозување на безбедноста на просториите на Конзулатот на Република Србија во Куманово, особено имајќи го предвид фактот дека просториите на дипломатско-конзуларните претставништва и резиденцијални објекти наменети за членовите на дипломатскиот персонал на Република Србија, не е првпат да бидат предмет на вандалски напади на територијата на Македонија.
-Во овој поглед, Амбасадата нагласува дека е целосно посветена на соработка со надлежните органи на Република Македонија, со цел што поскоро откривање и процесуирање на сторителот на насилниот чин, чиј идентитет може недвосмислено да се утврди врз основа на достапните снимки од безбедносни камери. Амбасадата на Република Србија останува посветена на негување пријателски односи со Македонија и изразува уверување дека надлежните органи на земјата домаќин, во духот на развиените билатерални односи и добрососедството, ќе направат се за да се реши овој случај на адекватен начин, стои во соопштението од српската Амбасада кон кое е прикачена и видео-снимка од инцидентот.