Лицата со попреченост во среда повторно излегуваат на протест

На министерката за труд и социјална работа не и се важни нашите барања – обвинуваат лицата со попреченост кои на денешната средба, од Шахпаска  побараа да им обезбеди подобри услови за живот. Најповиканата институција која треба да ги штити правата на лицата со попреченост не успеа да го покачи надоместокот за 15% како што ветуваше, а министерката се правда дека покачувањето било пролонгирано поради пандемијата. Од Коалицијата „Менуваме“ стојат на ставот дека итно мора да се најде решение, а до тогаш остануваат на улица да протестираат.

Не ги прифати барањата за асистенти за лица со попреченост, не ги прифати барањата  за отворање нови дневни центри, се однесува како министер кој не сака да не разбере – вели Суарет Алишан од Коалиција „Менуваме“

Невладината организација бара да се намали границата за користење додаток, од 26 годишна на 18 годишна возраст, но и отворање дополнителни центри за лица со попреченост. Министерката им одговори дека ќе бидат разгледани нивните барања и наброја неколку планирани проекти за лицата со попреченост, но без конкретни рокови.

Во однос на барањето за симнување на границата за деца со попреченост од 26 на 18 години за остварување на права од социјална и здравствена заштита, министерката Шахпаска, оцени дека станува збор за легитимно барање за кое Министерството ќе изготви анализа за влијанието на оваа промена врз правата на овие лица во сите сфери.

Лицата со попреченост и нивните семејства за во среда најавуваат нов протест.

Од организацијата „Менуваме“ претходно бараа дозвола од Град Скопје да постават и шатори пред Собранието, но градоначалникот Шилегов не им дозволи , зошто тој смета дека така нема да го решат проблемот. Пред новинарите кажа дека и ќе ги прими на средба, но на повиците од лицата со посебни потреби,  не одговораше.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста