Личните карти со „северна“ влегоа во Собрание, старите важат до 2024

Без глас на опозицијата, во собраниската законодавно-правна комисија, во прво читање, помина предлог законот за лични карти.

Со предлогот се предвидува новите лични карти да се усогласат со Законот за јазици и со Уставот. Односно, иако службен јазик во Македонија е македонскиот јазик, во личните карти на граѓаните кои се над 20 проценти податоците ќе бидат испишани на македонски, англиски и мајчиниот јазик на жителите кои се над 20 отсто. Досега тие имаа ваква можност, но само доколку го побараат тоа, а сега тоа ќе биде автоматски овозможено. Новитет е и тоа што лицата кои се под 20 проценти ќе можат да побараат во нивните лични карти, податоците да бидат и на нивниот јазик и писмо.

Од опозицијата реагираат, зошто токму сега се расправа за ваков предлог закон, бидејќи години наназад праксата во собранието е кога се расправа за буџетот, дебатите за другите закони да бидат во мирување. Претеникиот Пренџов вели дека власта знае дека буџетот е тенок и ги актуелизира овие теми.

Буџетот е многу клизава тема за власта,буџетот се реалните проблеми , буџетот е ветувањето за живот, во буџетот се разочарувањата за животот и сметам дека тоа е темата за која треба да разговараме. Но медиумите и јавноста имаат право да ги следат сите теми кои се натураат во Собранието на Република Македонија и вештачки се подигаат на повисоко ниво, вели Љупчо Пренџов – пратеник од ГРОМ.

Вели дека засега нема да го коментираат законот, оти чекаат да дојде второ читање каде јасно ќе бидат дадени контурите на истиот.

Од СДСМ пак велат законот е важен и треба да се дискутира за него, објаснуваат дека со него за затвараат некои прашања од законот за јазици.

Имајќи го предвид и законот за употреба на јазиците, Уставот на нашата држава, се наметна потреба за измени, менувања и допрецизирања и термнолошки усогласувања со законот за употреба на јазици, вели Снежана Калеска Ванчева – пратеник од СДСМ

Инаку покрај другото во законот се предвидува на новите лични карти да стои новото уставно име. Старите лични карти на кои сè уште не им е истечен рокот ќе важат до 12 февруари 2024 година.

Инаку изманите на законот за лични карти беа актуелни и кон крајот на минатата година кога Беса, која е коалиционен партнер во владата поднесе предлог-закон за лични карти во кои требаше да стои и етничката припадност. СДСМ даде зелено светло за законот , но партијата Левица поднесе 1500 амандмани за да го блокира предлогот кој остана заглавен во собраниските лавиринти.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста