Лични карти ќе се издаваат, но со подзаконски акт-го крши ли власта законот, со прескокнување на Собранието?

Актуелната власт повторно го крши законот со одлуката да почне да печати лични карти без да биде изгласано законското решение во Парламентот, обвинува опозициската ВМРО-ДПМНЕ.Потпретседателот на партијата Александар Николовски најави дека ќе бараат одговорност но не како што вели за ситните риби, како што се случи со пасошите.

Пред само неколку дена, Николовски им фрли ракавица на МВР и побара одговор дали причината поради која нема лични карти е обидот да се намести тендерот за обрасци за лични карти, но оттаму не стигне никаков одговор.

Откако можноста новиот закон за лични карти да биде изгласан во Собранието остана да виси по блокадите од Левица,  Владата експресно си донесе решение – со подзаконски акт да се направи усогласување на законот за лични карти со законот за употреба на јазиците и на тој начин да продолжи издавањето лични карти.

-Владата го задолжи Министерот за внатрешни работи да ги преземе сите потребни активности за донесувањето на подзаконски пропис согласно овластувањето од Законот за лични карти и да го усогласи со одредбите од Законот за употреба на јазиците со што се овозможува непречено издавање на обрасците за барање за издавање на личната карта, образецот на потврдата за поднесено барање за издавање лична карта, образецот за личната карта, постапката за издавање и замена на личната карта, како и за начинот за водење на евиденцијата за издадени лични карти, стои во соопштението од Влада.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека со овој потег на Заев, Оливер Спасовски е навидум само спасен од кривична одговорност за ограничени слободи и права на над 40.000 граѓани на кои не им издале лична карта. Првата казна велат доаѓала со изборите во октомври.

Речиси два месеца 40 илјади граѓани чекаат да ги добијат своите лични документи. Додека властите си ја префрлаа топката за донесување на одлуката, дефицитот на лични карти веќе создаде сериозни проблеми кај населението , пред сè со банките.

Ивана Соколовиќ Најдова

Advertisements