Лекови на рецепт без квоти од утре во туристичките центри

Венко Филипче - Министер за здравство

Лекови на рецепт ќе има секој ден во месецот, и тоа од утре, ама само во регионите на туристичките места Охрид, Струга, Дојран, околината на Гевгелија и регионот на Ресен, најави министерот за здравство Филипче. На овие места побрзо се трошат квотите, бидејќи има доста туристи кои одат на подолготраен престој и таму ги подигнуваат лековите, па за локалните жители не остануваат.

-За ослободување на квотите не е потребна промена на закон, туку на правилник, кој што утрово го направи Фондот. Со рецепт препишан од матичен лекар, ќе може да се подигне лек во туристичките места, изјави Филипче.

Во меѓувреме, уверуваат здравствените власти, се воспоставуваат контролни механизми, за да се укинат квотите во сите аптеки низ земјава.

-Ќе се следат рецептите на тој начин што од аптека ќе може да го подигне лично оној на кој е препишан, а дека се работи и на решение за оние што не се во состојба сами да ги подигнат лековите, изјави Филипче.

Според познавачите не може со ограничен буџет да има неограничен број на лекови. Укинување на квотите може да доведе до сериозно лоша финансиска состојба. Тие предлагаат ред и контрола да има и со електронски систем што би давал одговор на пациентите во која аптека го има лекот што им е потребен.

Засега, јавноста останува покуса за информации во однос на кој начин точно ќе се спроведе оваа мерка, но и дали во истата, која може да доведе до банкрот на Фондот за здравствено осигурување, се вкалкулирани сите ризици.

Министерот Филипче, вети оти јавно ќе ги објави анализите што според него, биле направени. Начинот на делување, но и случаите со злоупотреба од страна на лекари и апреки, јавноста ќе ги дознаела непосредно пред укинувањето на квотите на цела територија на Македонија „закажано“ за од септември.

Сања Трајковска Ставров