Лекарската фела предупредува за опасноста од предизборното олабавување на мерките

Наместо нови рестрикции – ново предизборно олабавување на ковид мерките во Македонија и тоа во време кога бројот на заразени и починати расте. Ноќните клубови и дискотеките во затворено добија зелено светло за работа од Владата, со исполнетост до 50 отсто од капацитетот на објектот. Истото важи и за затворениот дел од објектите за прослави и за организирање семинари, обуки, курсеви, состаноци, работилници, конференции. Од 15 ноември влез во затворени објекти, кафулиња и трговски центри ќе биде дозволен само за вакцинирани лица со две дози или прележан ковид-19 во изминатите 45 дена. Епидемиологот д-р Сашко Олумчев алармира дека релаксација на мерките не смееме да си дозволиме, особено не сега, кога на прагот ни е нов ковид бран.

„Се покажа и докажа дека делта сојот и плус варијантата се многу заразни. Така да,сега влез во затворени простории без контрола би било малку пазар на игра во моментот. Со оглед на тоа дека секојдневно ни растат бројките како што гледате и во Скопје, и во другите градови.. па и во околината на целиот Балкан имаме проблем со порастот на бројките. Што значи дек имаме масовно непочитување на мерките и токму поради тоа јас не би препорачал сега во моментов воведување на релаксирачки мерки. Во моментот не сум оптимист дека нешто драстично ќе се случи во позитивна смисла, со оглед на тоа дека секојдневно се олабавуваат мерките“, вели за Алфа д-р Сашко Олумчев, епидемиолог.

Епидемиолозите потенцираат дека на удар во моментов се младите, а причина за сè поголемиот број заразени меѓу оваа популација е ниската стапка на вакцинација.

„Гледаме дека бројката на вакцинација запре во цела Македонија. Значи нема интерес за вакцини а тоа ни е основното оружје со кое ние можеме да го спречиме понатамошното ширење на болеста. Така да за мене се уште мислам дека е рано, особено сега во зима во затворени простории не е во ред. Да беше лето на отворен простор се докажа дека нема потреба од мерки. Значи вирусот не опстојува во воздух долго време, потешко се пренесува. Меѓутоа во затворени простории не би дозволил јас во моментот“, изјави епидемиологот Олумчев.

Единственото доброто е сега што интересот за третата доза на вакцина е голем. Ама затоа – загрижува тоа што стагнира бројот на оние кои треба да примат прва доза од вакцината. Лекарската фела постојано алармира здравствените власти итно да ги интензивираат напорите во кампања за вакцинација и да се едуцираат граѓаните за тоа кои се бенефитите, ефикасноста и безбедноста на вакцините.
Според последните извештаи на МЗ, активни се речиси 6.200 ковид-случаи, целосно вакцинирани се 35 отсто од граѓаните, а трета доза примиле 15 851 лице. Од почетокот на пандемијата пред година и половина досега во Македонија се регистрирани над 200 илјади случаи на коронавирус, што значи дека секој десетти човек ја прележал болеста.

Ања Василева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста