Лекарка од Куманово ја загуби битката со Ковид 19, докторите предвидуваат неизвесна зима, бараат засилени мерки

42-годишна докторка од кумановската болница ја изгубила битката со Ковид-19 во ГОБ 8 Септември. Од болницата информираат дека докторката била донесена во многу тешка состојба, со ниска сатурација, а анестезиолозите и покрај сите напори не успеале да и го спасат животот. Во меѓувреме, расте бројот на пациенти хоспитализирани поради компликации од вирусот. Во болницата во Битола, во тешка здравствена состојба се лекувале двајца тинејџери на возраст од 15 и 18 години. Есента и студените денови ќе го зголемат бројот на заразени со Ковид 19 алармираат лекарите и предвидуваат неизвесна зима. Епидемиологот Сашко Олумчев смета дека пандемијата ќе циркулира се додека има непрележани или невакцинирани. Тој апелира надлежните што поскоро да ја разгледаат состојбата со пандемијата и да размислат за воведување на нови или нагласување на старите мерки.

„Па веројатно ќе мора Комисијата да се јави, да каже нови упатства, дали старите да ги повториме, да ги потсетиме граѓаните можеби нешто подзаборавија. Да ги потсетиме дека вирусот е се уште тука, дека демне таа опасност. еве ни доаѓа и новата подваријанта Делта плус, така да сакале или не Комисијата ќе мора да се состане или ако се состанува да излезе во јавност и да ни каже што понатаму да правиме“, вели епидемиологот Сашко Олумчев.

Министерот за здравство Венко Филипче пак вчера беше дециден оти строгите рестрикции нема да го спречат ширењето на вирусот. Тој рече дека сега актуелните мерки за заштита од ковид 19, како носење на маска и држење на дистанца, заедно со процесот на имунизација биле доволни за да се држи под контрола епидемијата. Сепак, не ја отфрли можноста и за воведување на нови мерки по утрешниот состанок на Комисијата за заразни болести.

Лекарите и познавачите пак се децидни дека повторно не очекува нов силен бран. Докторите предвидуваат дека бројот на нови случаи со Ковид-19 до крајот на месецов ќе достигне и по 1000 новозаразени дневно, а се поивесно е дека меѓу новите случаи наскоро ќе се детектира и новата мутација на делта варијантата која веќе е присутна во земјите од регионот. така на пример, вчера во Косово биле регистрирани 12 случаи на заразени со Делта плус мутацијата.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста