Лекарите загрижени поради укинувањето на мерките

Лекарите револтирани од одлуката на Владата за целосно укинување на полицискиот час. Прашуваат зошто мерките за заштита од корона вирусот се олеснуваат кога бројот на нови случаи не се намалува? Прв на ваквата одлука реагираше лекарот по општа медицина Ненад Лазаров, кој цели три месеци активно беше вклучен во борбата да ги заштити здравствените работници во првите „борбени линии“ снабдувајќи ги со потребната заштитна опрема.

„Комисија за заразни болести, по ваква предлог мерка, ако имате професионална етика дајте си оставка и одете дома т.е. на работните места. Во спротивно ќе ве сметам за партиски послушници“, пишува докторот по општа медицина Ненад Лазаров.

Ненадејната одлука на Владата за олеснување на мерките за движење, отв ора друга дилема – дали зад наводното враќање во нормала кое го форсира власта се крие желбата за брзи избори на кои инсистира СДСМ. За докторите, моменталниот број на заболени е спорен за одржување на избори.

„За мене од аспект на пандемијава спорни се јавните собири и моменталниот број на заболени, позитивни и лица во самоизолација. Лично мислам дека процедурите на самиот ден на гласање нема значително да влијаат на епидемиолошката состојба со КОВИД -19“, вели епидемиологот доктор Вело Марковски во интервју за „Скопско Ехо“.

И за професорот по микробиологија – Никола Пановски, укинувањето на полицискиот час е признавање на пораз, а олеснувањето на мерките во овој период вели не било оправдано од медицински аспект. Според него, во услови на олабавени мерки бројот на заболени нема да се намалува, а за следните три месеци предвидува вкупниот број на ковид позитивни да се дуплира.

Пановски им забележа на колегите од Комисијата за заразни болести зошто препорачале одржување на митинзи, па дури и можност за партиските активисти да ги посетуваат граѓаните пред нивните домови, кога вели групирањето и движењето во затворен простор е најлесен начин за трансмисија на болеста. За Пановски, изборите ќе треба да се организираат или на отворено или во големи простории каде ќе има простор за сите членови на комисиите и за набљудувачите.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста