Лекарите со нетрпение ги чекаат вакцините – велат сите одобрени производители се безбедни

Вакцините на сите светски производители кои добија зелено светло од надлежните институции вклучително и СЗО се безбедни за граѓаните, велат докторите, оти нивната основна функција е да создадат имунитет во битката со корона вирусот, за кој се чини дека нема магично да исчезне. Доктор Мери Кирјас од Клиниката за имунологија вели оти единствен начин да се врати социјалната и економска стабилност е само доколку граѓаните се имунизираат. Можноста да се набават вакцини од повеќе различни производители е предност, смета доктор Кирјас.

„И добро е што има повеќе производители за да може во пократок временски период поголем дел од популацијата да биде опфатен бидејќи вирусот се шири со голема брзина во целиот свет. Ако имавме само еден или двајца производители ќе требаше многу време за да биде опфатен што поголем процент од населението. секоја се испитува иако се со различни механизми главната цел на крај е иста создавање на заштитен имунитет“, вели доктор Мери Кирјас, од Клиниката за имунологија.

Македонија иако заостанува со вакцинацијата, сепак ќе може да учи од искуствата на земјите каде вакцинацијата веќе почна, смета доктор Кирјас. Евентуални несакани ефекти кои би се појавиле кај одредени возрасни групи, како што е случајот во Норвешка каде починаа 23 лица, остава можност земјава да ја промени стратегијата на приоритетни групи.

„следиме и според тоа може да влијае на стратегијата што ќе се прави кај нас за кои да бидат првите групи, затоа што, и во ниедна земја не може сите одеднаш да примат вакцина.Многу е битно за да се направи добра стратегија кои да бидат прва, втора, трета група. Во моментов ниедно од тоа што е објавено не прават сериозни отстапувања како за било кој друг лек или вакцина што се давала во минатото за отстапува драматично. Секако дека секој ефект и се што се случило мора да се репортира, а потоа се прават дополнителни испитувања да се види дали тоа било причината или не“, додава таа.

Здравствените работници речиси една година се во постојана 24 – часовна битка со корона пандемијата. За нив, вакцината веќе требаше да биде стигната во земјава. Сепак, прогнозите на докторите се дека, доколку вакцинацијата стартува во февруари, животот полека би се враќал во нормала во текот на летото.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста