Лекари алармираат дека нема крв на Трансфузиологија – бројни операции на „стенд бај“
Операции ставени на стенд бај поради недостиг на крвни деривати за потребите на хируршките сали. Доктори од приватните болници го вклучија алармот – велат пациенти со денови чекаат да им биде извршена операција бидејќи Институтот за трансфузиологија немал доволно крв за да ги задоволи потребите на здравствените установи. Онкологот Милан Ристески вели оти од пациентите на кои животот им е во опасност се бара да најдат роднини и пријатели кои ќе донираат крв за да може да им биде извршен хируршкиот зафат.
„Откако почна пандемиајата крв се потешко и потешко се добива. Скоро сите мои пациенти, не можат да дојдат, како порано што доаѓаа без проблем до крв и крвни деривати. На сите им е кажано дека треба да си викнат свои роднини да даруваат крв. Е сега, за нашите ајде ќе кажеме дека е полесно, ама за странските државјани, кои што немаат роднини овде, немаат познати во државата… Не можат да даруваат крв лица кои не се државјени на Република Македонија. На тој начин, автоматски, веќе е стимулирана црната берза за крводарителство“, вели доктор Милан Ристески, онколог во „One Hospital“.
Доктор Ристески вели оти ваква е ситуацијата веќе година и половина откако во Македонија почна корона пандемиајта. Тој апелира до здравствените власти под итно да најдат решение за овој проблем.
„Затоа постои тој Центар за трансфузиологија. Ако тој не си ја врши работата, тогаш ние во нашата болница и другите приватни болници во рамките на својот објект, ако е така тогаш ќе повикуваат пријатели и роднини на пациентот и тогаш таму ќе се обработува крвта, ама тоа е противзаконски“, додава доктор Ристески.
Дека состојбата со потребите за крв е алармантна сведочат и апалите за донации кои речиси секојдневно кружат на социјалните мрежи. И деновиве на фејсбук кружи една таква објава во која пациентка сместена на трауматологија моли за донација на крв од групата Б негатив.
Став за ова Алфа побара од директорот на Институтот за трансфузиона медицина, доктор Садула Усеини. Тој како и обично, ниту одговори на нашиоте повици, ниту пак ни врати на СМС пораките.
Биљана Божиновска