Лавина реакции по обвинувањата: Заев вели Димитров се согласуваше со сите позиции, Османи повикува на доблест, ВМРО-ДПМНЕ гледа потврда за национално предавство

Димитров не само што ги знаел во детали македонските позиции во преговорите со Бугарија, туку и ги градел заедно со екс-премиерот. Кабинетот на Заев излезе со остра реакција на обвинувањата на Димитров и бара тој да ги аргументира затоа се остава впечаток дека сега се буни само затоа што не е дел од новата влада.

Доколку Димитров е против било што од позициите кои сме ги изградиле заедно, чесно е заради народот да го каже тоа и да објасни зошто, бидејќи во спротивно останува само впечатокот дека неговото неучество во идната влада е причина за ваквите неточни и шпекулативни јавни манифестации со цел од напред да се става товар на недоверба во владата реагираа од Кабинетот на Заев.

Заев го демантира Димитров и тврди дека преговорите се водат целосно на линија на таканаречениот португалски предлог, но и со почитување на Резолуцијата изгласана во македонското Собрание.

Реагираше и првиот човек на македонската дипломатија. Според Бујар Османи во формирање бил нов политички моментум , кој е создаден преку, како што вели, новите мандати на Владите во двете земји. Вели граѓаните очекувале да се искористи новата политичка иницијатива за да се зајакне довербата меѓу двете Влади.

Резултат на оваа активност е веќе договорената посета на високата владина делегација предводена од Премиерот Петков на Скопје на 18 јануари, а во постојана комуникација со нашите колеги од Бугарија, веќе работиме да постигнеме согласност за одржување и на заедничка седница на двете Влади само една недела подоцна, или на 25 јануари.  Од успехот на овие посети ќе зависи и насоката и силината на новиот моментум во односите меѓу двете земји, и оттука сите активности кои го загрозуваат овој успех ги сметам за непродуктивни и нефер пишува Османи.

Покус на нападите од Димитров, не остана нитупрвиот вицепремиер Груби. Тој смета дека ако нешто не му чинело, тој како вицепремиер за Евро-интеграции можел да каже порано, посебно делот дека не му верува на мнистерот Османи.

„Жалам што колегата Димитров дознал дека не му верува на Османи на крајот на својот мандат. Можеби би било добро тоа да го кажеше на почетокот и да пристапиме кон градење на таа доверба меѓу Османи и Димитров. Но, јас сум убеден дека граѓаните немаат никаква основа да имаат недоверба, ниту во Османи, ниту во Владата затоа што се е транспарентно и било кој договор да биде постигнат ќе мора да биде претставен пред граѓаните и да биде прифатен од нив“-рече Груби.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека грижата на како што велат, кариеристот Димитров за националните и државни интереси е лажна бидејќи тој бил првиот кој ги продавал кога СДСМ беше во налет и цврста власт, и целосно ги игнорирал од опозицијата. А партиски потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека на повидок национално предавство.

Тоа што го видовме денес од изјавата Димитров, јасно покажува дека СДСМ и Владата имаат јасна намера да направат национално предавство во однос на Бугарија и тоа е нешто што загрижува, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски одговарајќи на новинарско прашање.

Во опозицијата се со големи сомнежи дека партиите на власт ќе ја почитуваат изгласаната Резолуција во Собранието.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста