„Ла Верита“: Зоран Заев учествувал во купопродажба на гласови на избори

Под насловот „Купопродажба на гласови во Македонија“, италијанскиот весник Ла Верита објави нова афера – купување на гласови на струмичани за време на парламентарните избори во 2014 кога екс премиерот Зоран Заев беше градоначалник на Струмица.

Повикувајќи се на документи кои ги имала и обвинителката Вилма Русковска, а се дел од ПИ мерки, италијанскиот новинар Ларис Гајзер, кој ја обелодени и аферата „Рекет“, обелоденува како течел изборниот поткуп и како се планирала одмазда кон лица кои гласале за ВМРО-ДПМНЕ.

Прашан за наводите на весникот Заев вели оти такви докази не постоеле. Според него, тоа било една од алатките на ВМРО ДПМНЕ за атакување на опозиционерот Заев.

„Ако имале било какви докази во 2014 година со целата сила на ВМРО ДПМНЕ Заев би го осудиле. Тие немаа никакви докази, дури не отворија ниту обвинителен акт, затоа што немаше“, вели Заев.

Според наводите изнесени во Ла Верита, во тргувањето со гласови, покрај градоначалникот Зоран Заев, учествувал и неговиот брат Вице, но и други две лица, блиски пријатели на семејството Заеви, а сега високи функционери на СДСМ – Марјан Даскаловски и Зоран Георгиев. Првиот бил пратеник на социјалдемократите во четвртата изборна единица – денес човек со ваков идентитет е директор на Централниот регистер во Струмица. Вториот, Георгиев, вработен во ЈП Комунелец во Струмица, а неговата сопруга Лорета, според познавачите со ургенција на Заев, станала член на Републичкиот Судски Совет.

Новинарот Гајзер во текстот прашува – зошто обвинителството се уште го чува предметот и не го процесира во судот?

Според Гајзер, фактот што во 2014 година македонското обвинителство отворило истрага за Заев, според новинарот, ја зголемува одговорноста на поранешната шефица на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини, екс-претседателот на ЕК Жан Клофд Јункер, и на администрацијата на бившиот претседател на САД, Барак Обама, бидејќи тројцата во тоа време го одбрале Заев како човек од доверба да ја води земјата кон евро-атлантската иднина.

Иако, СДСМ не победи на парламентарните избори во 2014, токму тој изборен циклус според Ла Верита, го одбележал почетокот на институционалната криза во Македонија.

„Од тогаш почна тешкото контрирање кон премиерот Груевски и отворената поддршка за Заев од страна на одредени западни тајни служби, кои го снабдија претседателот на СДСМ со снимени разговори, што пак резултираше со формирање СЈО, новата институција креирана по барање на Могерини за да се легализираат снимените разговори што ги доби Заев“, пишува Гајзер и најавува нови детали во следните денови.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста