„Ла Верита“ со нови докази за Зоран и Вице Заеви ја демантира Русковска која ги прогласи за невини

Нови бомби од Ла Верита – браќата Заеви шиканирале струмичани оти не гласале за СДСМ на парламентарните избори во 2014-тата.

Второто продолжение од аферата „Поткуп на гласови“ која ја обелодени италијанскиот новинар Лорис Гајcер, покажува шокантни разговори во кои Вице Заев, брат на екс премиерот, нарачувал отпуштање од работа на лица кои гласале спротивно од интересите на СДСМ. Мета на незадоволните Заеви во 2014 година биле една бебиситерка која работела кај член на нивната фамилија, шура и шуранајка, па дури и шофер. Во одмаздата им помогнале и од локалната ЕВН па без стуја останале цели семејства кои својот глас го дале за друга политичка опција, пишува Ла Верита.

Интернет изданието на весникот, каде е објавено видео со документите кои ги имало и македонското обвинителство, детално ја опишува мрежата за поткуп на гласови. Мета на Заеви најчесто биле ромските семејства, на кои им се нуделе од 10 до 25 евра по глас, па дури и цели градежни парлеци и градежни материјали.

„Гласачите биле плаќани во две менувачници. Едната раководена од Вице Заев, а другата менувачница, „Даскал“, е во сопственост на Марјан Даскаловски, кој исто така бил избран за пратеник во Собранието заедно со Заев, и бил претседател на локалниот огранок на СДСМ. Се одело и до таму да се понудат градежни матетријали за градење куќи или пак поврзување на домовите со комуналната инфраструктура. Човекот што бил главен за испазареното поврзување со или исклучување од комуналната инфраструктура, оној што ги контролирал вработените во општината бил директорот на ЈП Комуналец-Струмица, Зоран Георгиев“, пишува Ла Верита.

Сепак, останува дилемата од каде Заеви знаеле како гласале струмичани, имајќи предвид дека гласањето е тајно, а тајноста е загарантирана со Закон.

Според документите објавени во весникот, Заеви со помош на високи општински функционери издавале лични карти по скратена постапка за да можат поткупените гласачи навремено да се упатат кон гласачките места.

За целиот случај сознанија имало и Обвинителството за борба против организиран криминал во Скопје, каде поседувале извадоци од снимени разговори помеѓу браќата Заеви. За ова вчера преку медиумите, реагираше обвинителката Вилма Русковска. Случајот не го процесуирала пред судот оти не видела докази за кривично дело.

Новинарот Гајсер пак со нова дилема. Зошто обвинителката која не видела доказ за криминал, веднаш не го затворила случајот?

Во меѓувреме за аферата објавена во Ла Верита реагираа и од СДСМ. Велат се работи за манипулација нарачана од ВМРО-ДПМНЕ, „која преку измислици и монтирани случаи во недостиг на идеи и програма, продолжува со обидите за манипулација на јавноста“.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста