„Ла верита“: Филипче се согласил за кинеските вакцини ризикот да биде на наш грб

Нови детали од скандалот со неуспешната набавка на вакцини кој го објави „Ла верита“ – на страниците на италјанскиот весник осамнаа и писмата од министерот Филипче до кинески компании.  Се доразврзува случајот со обидот  на здравствените власти да набават кинески вакцини преку фирма посредник.  Иако ресорното министество одби да даде одговори која е фирмата, според извештајот во весникот се работи за компанија од Хонг Конг, формирана во 2017 година.

Станува збор за фирмата „Старби“ за која не се знае колку вработени има, а нема ниту медицинско ниту фармацевтско портфолио. Ова е сосема друго од она што премиерот Зоран Заев го изјавуваше деновиве, дека се работи за конпанија блиска до „Синохидро“ чија компанија мајка е „Пауер Чајна“ – пишува „Ла верита“.

Сме правеле нарачки, ни помогна и „Пауер Чајна“, мајка-компанија на Синохидро. Таа е една од кандидатите за изградба на Чебрен, џиновска компанија во сопственост на Кина, истакна премиерот Зоран Заев.

Писмата јасно покажуваат дека Филипче се согласил можниот ризик од имунизацијата со вакцината „Синофарм“ да биде на наш грб.

Второто писмо е адресирано до China National Biotec Group и до Синофарм, како и до „Старби инт.“ и  во него се потенцира дека Македонија ја ослободува компанијата, односно Кина, од каква било одговорност од евентуални негативни последици од употребата на вакцината. Ова е спротивно на многу меѓународни конвенции и претставува кршење на основната институционална мисија, а тоа е заштитата на здравјето на своите граѓани – пишува „Ла верита“.

Во декември минатата година, како што пишува „Ла верита“ Кина речиси во исто време добила барања и од Македонија и од Црна Гора. Фактот што само Црна Гора успеала да добие вакцини, покажува дека и комунистичкиот режим во Пекинг има мака да најде заеднички јазик за соработка со Скопје, со цел да биде заштитен од евентуални критики поврзани со менаџирањето на таканаречената здравствена дипломатија. Според сите овие аргументи, италјанскиот весник, скандалозното враќање на авансот и пропаѓањето на зделката ги поврзува со тоа што во целата игра македонската влада вклучила фантом фирма од Хонг Конг која предизвикала сомнеж за измама кај кинеската Влада.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста