Купишта ѓубре како добредојде за туристите пред излетничките места во Струмичко

Ако сакате туристички да се одморите во Габрово, Колешино, Смолари ќе треба да поминете низ пат „обраснат“ со градежен отпад, кревети, облека, скапан зелечук… До туристичките атракции не се стигнува низ туристички културни патишта- напротив. Жителите од овие населени места се револтирани од ниската свест на луѓето, но и недоволната ангажираност на надлежните инспекциски служби. Сметаат дека надлежните треба почесто да вршат контроли и да ја чистат грдата слика.

Се обидовме да стапиме во контакт со раководителот на струмичкото комунално претпријатие  но не успеавме да го добиеме на телефон, од фирмата ни рекоа дека тој е на работен состанок и нема да се врати до крајот на работното време.

Како со ваква негрижа може да се привлечат туристите? Дали е доволно да се делат ваучери за развивање и поттикнување туризам? Околните жители веќе се убедени дека лошата слика ги одвраќа туристите од замислата да уживаат во природните убавини на Беласица, како и многубројните водопади.

Само за потсетување, на предлог на министерството за економија Владата воведе мерка за поттикнување и развој на домашниот туризам, при што, околу 115 илјади граѓани ќе добијат ваучер од 6000 денари и платежна картичка од 3000 денари за користење во сите домашни туристички и угостителски објекти. Ќе сакаат ли да го продолжат воопшто патот кога ќе наидат на ваквата слика крај него?

Дијана Тасева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста