Куманово станува македонска Ломбардија- внатрепартиска кавга во СДСМ може да чини живот

Дали внатрепартиските игри и несогласувања во власта ги плаќаат граѓаните на Куманово, градот кој стана најопасно жариште на коронавирусот во Македонија? Од вчера заразен со Ковид 19 е и градоначалникот  Максим Димитриевски, кој пак иако пред неколку дена се тестирал, во средата беше во контакт со многу луѓе, а меѓу нив и политичкиот врв на држава, како и медиумските работници кои снимаа изјави од него, додека пак тој говореше без маска на лицето, што е контра препораките за заштита од Ковид 19.

Очигледните несогласувања во СДСМ, стануваат уште позабележливи во текот на минативе денови. Димитриевски секојдневно ја напаѓа Владата бидејќи не го удоволува барањето за карантин на Куманово. Тој ова го повтори и во гостувањето во „Што не е јасно“ на Алфа.

-Куманово на 22ри бара кризна состојба, на 23-ти март бара веќе повисоки мерки, а од пред некој ден побаравме и карантин во посебни услови, изјави Димитриевски.

Министерот Филипче, кој моментално е во самоизолација откако во средата имаше средба со Димитриевски, го нападна првиот човек на Куманово, бидејќи не кажал дека се тестирал.

-Сакам да кажам дека ние носевме соодветна опрема, заштитни маски. Зошто не сме биле известени јас не можам сега да кажам, одговорот на ова прашање треба да го барате од присутните таму, изјави Филипче.

Покус не остана ниту Димитриевски, а го запраша Филипче и зошто толку доцнат резултатите.

-Информираност треба да има во рамки на министерството, зошто министерството е тоа што ги зема брисовите, министерството е тоа што ги врши анализите и органите кои се под него ги даваат резултатите. Моето прашање е зошто тестовите доцнат толкав долг временски период, изјави Димитриевски.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски најави дека Државниот здравствен и санитарен инспекторат ќе проверуваат дали имало пропусти во организацијата на состанокот во Куманово. Тој и надополни дека доколку знаеле дека членови на Кризниот штаб се тестирале, немале да дојдат на состанокот.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста