Куманово стана најопасно жариште на Ковид 19, заразен и градоначалникот Димитриевски

Се остварија црните прогнози и Куманово стана најопасното жариште на Ковид 19 во Македонија. Најголемиот проблем е што сериозно на удар е и кумановската болница, каде бројот на заболени лекарски персонал е голем, а таму заразените треба да се лекуваат. Се поставува прашањето може ли таа да го издржи овој налет на коронавирусот. Бројките се загрживувачки, во последното деноноќие во Куманово има 44 ново заразени, а меѓу нив и градскиот татко Максим Димитриевски.

Тој ги охрабрува граѓаните, дисциплинирано и заедно да ја продолжат борбата со ова заедничко зло

-Ве молам, од душа и срце ВЕ МОЛАМ, почитувајте ги мерките, избегнувајте ги блиските контакти, здравјето ни е најбитно, така ќе победиме сите. Чувајте ми се и мислете и на себе и на своите најблиски, мислете на сите околу вас, јас останувам со вас до конечна победа!, пиша на Фејсбук Димитриевски. 

Димитриевски вели нема простор за паника, а Општинскиот кризен штаб ќе продолжел со работа во борбата против Ковид 19.

Куманово стана главното жариште на коронавирусот во Македонија, на вакво нешто и претходно предупредуваше градоначалникот на овој град, Максим Димитриевски, кој бараше поригорозни мерки за Куманово, односно двонеделен целосен карантин. Но, на неговите барања од власта останаа глуви.

Барањето за карантин на градот Димитриевски го повтори и вчера пред камерата на Алфа, но и техничкиот премиер Оливер Спасовски и министерот за здравство Венко Филипче кажаа дека се против такво нешто.

-Ние мерките ги побаравме уште пред извесен период, вчера повторно ги побаравме тие мерки, контролиран карантин, тоа подразбира секој да може да оди, да доаѓа на работа, граѓаните да добијат најмалку од секое семејство по два часа дневно да можат да ги намират најнеопходните потреби, изјави Димитриевски.

Дека можеби е потребен карантин на Куманово согласен е и претседателот на државата, Стево Пендаровски. Тој вели дека Владата треба што побрзо да размисли дали можеби и таму можеби треба да има рестрикции по моделот на Дебар и Центар Жупа.

Последните неколку дена Куманово е градот кој има најмногу заразени од коронавирусот на дневно ниво, со денешните 44 случаи сега таму има 306, додека пак Скопје има 367, но со оглед на бројот на население, состојбата во Куманово е многу позагрижувачка.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста