Културните работници незадоволни од најавената нивелација на платите

Дали Министерството за култура сака да направи раздор и неединство помеѓу културните работници, прашуваат од Синдикатот за образование, наука и култура, откако добиле информација дека во Министерството на нетранспарентен начин се подготвува корекција на платите? Велат, културните работници се збунети оти не знаеле чии плати ќе бидат покачени, а кој ќе извиси. Од Синдикатот реагираат дека најголемо незадоволство има кај помошно – техничкиот кадар бидејќи за нивниот профил не било предвидено покачување на платите. Ако на овој начин се спроведе порамнувањето тоа ќе значи дека Министерството прави кривично дело, велат од СОНК.

Културните работници со години се жалат и на лошите услови за работа. Голем дел од Домовите на култура низ источниот регион се со стар и дотраен мебел, а уметниците настапуваат во сали кои мирисаат на мувла и прашина. Во лоша состојба се и театрите во внатрешноста – покривите прокиснуваат водата се собира во кофи, а театарските сали каде инвентарот е стар и до половина век се секојдневна опасност за актерите.

Биљана Божиновска