Кулминира револтот во здравството, администрацијата простестираше пред клиниките низ Скопје

Расте револтот во македонското здравство. Медицинскиот и помошниот персонал, како и администрацијата во сите државни болници излегоа на протест, зашто за нив немало ниту денар зголемување на платите, како што тоа го добија лекарите и медицинските сестри.

– Ова не е протест, туку јавно искажување на незадоволство. Ние сме администрација, но во рамките на јавното здравство, и затоа не може да не изедначуваат со другата администрацијата, вели за Алфа Лејла Еремиќ, вработена во Психијатриската болница во Скопје.

Протестот на администрацијата од Клиничкиот центар се одржа денес пред зградата на Министерството за здравство.

Лути се на власта, зашто во буџетот за наредната година не се спомнуваат никаде, иако се оптимисти дека може нешто да се промени.

– Ова е класична дискриминација, да не речам историска дискриминација. Стварно нее фер едни да добијат покачување, а други да бидат ставени во втор план. Се надеваме дека нешто ќе се придвижи периодов, додава Еремиќ.

По неколку неуспешни обиди за средба со министерот Филипче,со образложение дека има други обврски, решиле да излезат на протест.

Им се приклучија и нивните колеги од сите поликлиники во Скопје од Ѓорче Петров, Букурешт, Чаир, Бит Пазар. Сите револтирани зашто нив ги исклучиле од колачот за раст на платите.

Од Министерството за здравство во телефонски разговор за Алфа, ни рекоа дека нема ништо што да додадеме по протестот на медицинскиот персонал.

Работниците се пожалија дека биле изманипулирани и оставени да преживуваат со минимални примања. Велат дека нивните плати се движат од 12.000 до 20.000 денари. Само во јавните болници во Скопје работат околу 6.000 работници.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста