Кулеба и балтичките лидери го откажаа учеството на самитот во Скопје
Доаѓањето на првиот човек на руската дипломатија Сергеј Лавров на самитот на ОБСЕ во Скопје е причина за откажувањето на учеството на министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба и шефовите на дипломатиите на Естонија, Летонија и Литванија.
Украина на форумот ќе биде претставена од делегација од нивното МНР, потврди портпаролот Олег Николенко.
„Руската Федерација постојано го уништува ОБСЕ, злоупотребувајќи го правилото за консензус. Одејќи кон уцени и отворени закани, Русија систематски го блокираше консензусот за клучните прашања, како и кандидатурата на Естонија за претседавање со ОБСЕ во 2024 година. Русија создаде егзистенцијална криза во ОБСЕ и ја претвори организацијата во заложник на нејзините каприци и агресија“, наведува Николенко, во објава на Фејсбук.
Министрите за надворешни работи на трите балтички земји, пак, во заедничка изјава велат дека „присуството на Лавров носи ризик да се даде легитимитет на агресорот Русија како законски член на заедницата на слободни нации, да ги банализира ѕверските злосторства што Русија ги направи, како и очигледното руско кршење и презирање на основните принципи и обврски на ОБСЕ”.
Според нив, „Русија ќе ја искористи оваа можност да ја шири својата пропаганда и да го поткопа единството на Западот“.
Други откажувања засега нема.