Кучиња скитници со месеци јаделе човечки органи, надлежните молчеле

Речиси два месеци градските власти знаеле оти кучиња скитници се хранат со човечки органи, но дури денес обелоденија во јавноста. Скандалот за кој инспекторите знаеле 50-тина дена, според градоначалникот Петре Шилегов бил пријавен во Обвинителството, но оттаму вели немало реакција. Денес преку видео запис откри дека битолска фирма на депонијата истурала необработен и нестерилизиран медицински отпад во кој имало и човечки органи од болниците во Прилеп и Битола. Наместо да биде согорен, отпадот завршувал во мелница, бидејќи печката не работела.

„Овдека станува збор за лиценциран обработувач на опасен медицински отпад, кој што би требало термички во својот капацитет да го обработи, а потоа така безбеден да го достави до Дрисла на депонирање“, вели градоначалникот Петре Шилегов.

Изјавата на Шилегов ја отвори дилемата, зошто локалните власти со месеци криеле ваков проблем кој може да биде опасен по животот и здравјето на граѓаните? И зошто после три години власт, градскиот татко дури сега почна да зборува за незаконско работење на депонијата?

„Сме го известиле надлежното Јавно обвинителство, сме чекале да видиме дали нешто ќе се случи на оваа тема. Јас и минатата недела пуштив да добие Градот како пријавител дали има преземно одредени дејствија. Нема ништо од тоа. Тоа е причихната поради која јас мислам дека јавноста треба да биде запознаена“, додава тој.

Првиот инспектор на Скопје, Богдановски пак вели оти за случајот реагирал по дојава од граѓани. Се жалеле дека се шири непријатна реа, по што влегол во вонреден надзор.

„Ова доле е исцедок од човечка крв, и од целиот камион имаме цедење на тој медицински отпад. Овој камион се движи низ нашите улици недезинфициран“, вели Мирослав Богдановаски од Инспекторатот за животна средина на Град Скопје.

Опасниот медицински отпад на Дрисла бил носен со камиони на битолската фирма „Еко Клуб“. Тие имале А интегрирана дозвола за преработка на медицински отпад издадена од Државниот инспекторат за животна средина. Од подружницата на „Еко Клуб“ во Скопје, денеска не сакале да зборуваат со медиумите, но неофицијално дознаваме оти се уште имале документи за депонирање на медицински отпад во Дрисла.

Скандалите за работењето на скопската депонија испливаа нa површина откако бугарските власти запленија тони со РДФ отпад од Италија носен преку фирма во сопственост на двајца директори во Дрисла. Директорот Горан Ангелов беше веднаш разрешен, а компанијата експресно беше вратена во владение на градот.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста