КСС: Со пиши-бриши уредби нема сигурни работни места

Со пиши – бриши уредби не им се помага на работниците. Од Конфедерацијата на слободни синдикати не се оптимисти дека работниците ќе останат на работа или пак дека фирмите ќе ги вратат избрканите до 7-ми мај – како што предвидува најновата измена на Уредбата за финансиска помош. Прашуваат, како компаниите можат долгорочно да планираат, а работниците да сметаат дека имаат стабилни работни места, ако Владата постојано се предомислува.

Од КСС тврдат дека фирмите слабо аплицираат за владините мерки и дека ќе бидат опфатени премалку работници. Притоа, никој не знае колку работници досега останаа без работа. Од Агенцијата за вработување за одредени медиуми излегоа само со неофицијални информации дека откази добиле 8.700 работници за два месеци. Од КСС велат бројката е неколкукратно поголема.

Угостителите се задоволни од Уредбата, но велат времето за аплицирање до 7-ми мај е прекратко. Ако процесот не заврши целосно, ќе бараат продолжување на крајниот рок. Досега УЈП примила 356 барања. Владата неколку пати ја измени Уредбата за финансиска помош, за на крај да забрани отпуштања освен во случај на смрт, пензионирање, кршење на работната дисциплина, отказ од работникот и слично. Многумина коментираат дека сепак има простор за злоупотреби, оние со полно работно време да се вратат пријавени на 4 часа и слично.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста