КСС: На 30 март излегуваме на улица затоа што власта е не прифаќа сакалесто покачување на платите

Работниците од јавната администрација членови на Конфедерацијата на слободни синдикати следната среда излегуваат на протести пред Собранието. Велат дека се решиле на ваков чекор бидејќи владата, откако ја зголеми минималната плата, упорно ги одбива нивните барања за усогласување, односно скалесто покачување на платите во администрацијата.

Конфедерацијата на Слободни синдикати следната недела излегуваат на улица, револтирани од глувиот однос од страна на власта. По СОНК, УПОЗ и КСС се жалат дека разговорите за усогласување на платите со минималецот од за сега нејасни причини тапкаат в место. Синдикатите се жалат дека Владата не преговара со работните, па затоа на 30 март јавно ќе ги повторат барањата, а тоа се усогласување на сите плати со минималната, како и почитување на колективните договори.

  • Дел од гранските синдикати и КСС донесоа одлука да излеземе првично на улица на 30 март во 15:30 часот пред Собранието и да го искажеме нашето незадоволство затоа што уште во ноември минатата година испративме допис до сите пратеници барајќи усогласување на платите согласно минималната плата која во тој момент беше 15.200 денари, изјави денеска претседателот на КСС, Благоја Ралповски.

Голем дел од вработените во администрацијата и досега земаа плата под минималната, а од април состојбата ќе биде уште полоша, велат синдикалците.

Со оглед на тоа дека треба да се сменат дваесетина закони за платите да се регулираат, за што веќе нема време, работниците нема да добијат покачување од следниот месец.

  • Ова е предупредувачки штрајк што одлучивме да го направиме како една поблага мерка. Се разгледуваат најразлични чекори за понатамошна радикализација за стапување во генерален штрајк, има најразлични предлози од нашето членство. Пуштени се анкети во кој облик сакаат да го изразат своето незадоволство. Како ќе одлучи членството, така ќе биде, рече Ралповски.

Од Владата, пак, велат дека ова прашање се разгледува на Економско-социјалниот совет и додаваат дека вчера веќе бил утврден текстот на предлог законот за административни службеници, со кој административците кои земаа плата помала од минималната ќе добијат зголемување.

  • Основната цел на предлог законот усвоен вчера е да се постигне еднаквост на вработените во приватниот и во јавниот сектор со најниски примања преку воспоставување на ист износ на законската минимална плата и скалесто усогласување на останатите плати на административните службеници на сите нивоа, како и обезбедување континуитет на промените на платите во администрацијата во однос на минималната на национално ниво како долгорочна цел, посочи Душко Арсовски.

Синдикатите тврдат дека Законот за административните службеници е манипулација. За нив решението е во покачување на вредноста на бодот на 100 денари. Од Владата нема одговор зошто нема преговори со Синдикатот, ниту пак кога се планира тие да продолжат.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста