Крвава свадба во Мала Речица, ранет синот на Џевад Адеми

Свадбена веселба во тетовска Мала Речица заврши крваво, две лица, меѓу кои и синот на пратеникот на владејачката ДУИ Џевад Адеми, со прострелни рани во пределот на градите завршија на операциона маса. Инцидентот за медиумите на албански јазик го потврдиле од семејството Адеми, велејќи дека две лица биле ранети од заталкан куршум.

Поради сериозноста на повредите тие биле однесени во Клиничкиот центар во Скопје, на Клиниката за торакална хирургија, информираат од тетовската клиничка болница.

-Дежурна екипа вчера ги примила двајцата повредени со по една рана во пределот на градите. Едниот повреден веднаш по првата помош е однесен во Клиника за торакална хирургија во Скопје.  По направени иследувања и опсервации и поставена индикација и за вториот е донесена одлука да се однесе на истата клиника, изјави раководителот на Одделението за хирургија при Клиничката болница во Тетово, Илбер Бесими.

Од МВР информираат дека повредените се на возраст од 26 и 27 години. На лице место увид извршиле јавен обвинител и екипа од СВР Тетово. Министерот за внатрешни работи потврди дека на прославата присуствувал пратеник, повеќе осврнувајќи се дека овој настан треба да ја крене јавната свест кај граѓаните, дека на прославите место за оружје нема.

-Повеќе важно е колку е јавната свест генерално на граѓаните во однос на употребата на огнено оружје. И овие настани треба да бидат настани кои длабоко ќе не замислат сите нас. Семејните веселби не се прават за да таму некој се однесува неодговорно и да употребува огнено оружје. Јас никогаш не сум можел и сега не можам да го разберам тој начин на веселба со огнено оружје, огнено оружје се знае кога и во кои услови се користи, изјави Спасовски.

Инцидентот се случил синоќа по 22 часот. Инаку, користењето на огнено оружје на прослави претставува проблем кој долги години го има во Македонија. Инаку, според Законот за прекршоци против јавниот ред и мир на лице кое неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства или сличен експлозивен и лесно запалив материјал, ќе му се изрече глоба од 200 до 500 евра.

Матеја Петровски