Крушево „затрупано“ во снег – зимска идила но и проблеми за граѓањите

       Преубавото Крушево или македонскиот Давос, веќе две недели и буквално е затрупано со снег. И покрај идиличната зимска слика со над 60 сантиметри снег, граѓаните се жалаат дека улиците се никако или тешко проодни, а поради ниските температури и замрзнати со што стануваат опасни и небезбедни.

  „Се’ e затрупано и не дај Боже на некој да му треба прва помош, или не дај Боже некое лице да почини, не можат да го изнесат од снег. Состојбата е кататсрофална со патиштата. Од кога почна да паѓа снегот, Крушево не знам дали наликува на туристичко место или на не знам што. Се’ e подмрзнато и затрупано, сите споредни и глави улици се затрупани и непроодни. Не знам во последниве два месеци само колку скршеници има на лица. Незамисливо е во 21 век населените места да бидат неисчистени“ – ни рече еден жител.

 „Во моментов е многу лоша состојбата, сношти од Битола си дојдов, не можев со колата да излезам, заглавив и ја оставив долу, на почетокот, на влезот. Тешка е состојбата, луѓето не можат ни пешки да одат“, – ни кажа друг крушевчанец.

   На лошата состојба со улиците, но и на натложениот смет среде туристичка сезона, како и на другите бројни проблеми со кои се соочувала општината, реагираа и од ОК на ВМРО-ДПМНЕ.

  „Во моментов Крушево е блокирано, улиците се со снег и со мраз, возилата се заглавени, а учениците тешко пристапуваат до училиштата. За жал, никаде не е посолено, народот движи со страв. Во Крушево од она што беше ветувано во предизборната кампања до ден денес апсолутно ништо не е реализирано, ниту пак е отпочнато да се реализира. Ветувани беа и подземни контењери, за жал ништо нема и од тоа, туку градот е прополн со жубре и смет, а сето тоа се одразува на туристичката сезона. Власта во Крушево ги погреба сите надежи за подобрување на условите за живот во Крушево“, – вели Билјана Проеска од ОК на ВМРО-ДПМНЕ, Крушево.

   „Службите секојдневно се на терен. Имаме нови наноси на снег, ноќта врнеше, сите наеднаш не можат да се исчистат, но се чисти. Околу 80 проценти од улиците се чисти веќе. Горноселието до Пуста река е веќе чисто, сега се насочивме кон градот“, уверува градоначалникот на Крушево, Томе Христоски. Тој, исто така ги демантира и обвинувањата на опозицијата дека општината доцни со реализацијата на ветените проекти.

  „Ако некаде јавно и транспарентно се работи, се работи во општина Крушево. Имавме и објава на фб. Транспарентно и отчетно, како што сработуваме, така и објавуваме. Направивме многу и во тек се градби. Меѓутоа сега е закочено во Крушево, работиме во населените места, изградба на резервоари за вода“, посочи Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

   Инаку, ова е втор мандат на градоначалникот Христоски кој е од редовите на СДСМ.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста