Дали аутсајдерите во претседателската трка ќе го одредат идниот претседател на САД?

Доналд Трамп и Џо Бајден не се единствените кандидати за претседател на Соединетите Држави. Во трката има уште неколкумина, така наречени претставници на трети партии. Тие немаат реални шанси за победа, но можат да влијаат на крајниот резултат.

Доналд Трамп од Републиканската Партија наспроти Џо Бајден од Демократската Партија. Сите се фокусирани на овие двајца кандидати за претседател, но на гласачкото ливче ќе има повеќе од две имиња.

„Партијата на мирот и слободата, Американската независна партија, луѓето навистина најчесто не знаат кои се овие партии“, вели Тед Косер, Уверзитет на Калифорнија во Сан Диего.

Тие се наречени кандидати од трети партии. Годинава во трката има двајца од подобро познати партии – Џо Јоргенсен од Либертаријанската и Хоуви Хокинс од Зелената Партија.

Сепак, медиумите најголемо внимание посветуваат на друг кандидат за претседател – раперот Канје Вест.

„Најзагадочна кампања која сепак привлече најголемо внимание за неговата партија, Роденденската Партија. Често зборува за религијата во неговите рапувања и може да биде привлечен за порелигиозните конзервативни гласачи“, додава Косер.

Иако кандидатите од третите партии не се сметаат за сериозни претенденти за победа, тие може да имаат улога во менување на динамиката на изборите. Таков пример е трката од 2016-та година меѓу Доналд Трамп и Хилари Клинтон.

„Нема сомнеж дека во 2016-та кандидатите од третите партии и наштетија на Хилари Клинтон, сите анкети покажуваа дека гласовите дадени за нив инаку би отишле кај Демократите“, вели Џон Фармер, Институт за политика на Универзитет Иглтон.

„2016-та беше година кога многу Американци гледајќи ги Доналд Трамп и Хилари Клинтон не беа задоволни со изборот и гласаа во знак на протест“, вели Тед Косер, Уверзитет на Калифорнија во Сан Диего.

Но, експертите се согласни – изборите оваа година се поинакви.

„Многу е јасно сега дека залогот е голем и дека или Џо Бајден или Доналд Трамп ќе бидат следниот претседател, па никој не сака неговиот глас да пропадне. Затоа гледаме дека овие кандидати од третите партии имаат многу ниска поддршка“, додава Косер.

Пандемијата исто така оневозможува овие кандидати да предизвикаат поголемо внимание бидејќи не може да имаат традиционална кампања со директни средби, а немаат доволно пари за реклами на големите телевизии.

Според аналитичарите отсуството на силни кандидати од трети партии годинава оди во прилог на Демократите, но резултатите во 2016-та година покажаа дека исходот од изборите е крајно неизвесен и тежок за предвидување.

За Алфа од Гласот на Америка, Никола Крстиќ во Вашингтон.

Поврзани вести