Во Сад се заострува дебатата за спомениците

За едните херои, за другите угнетувачи. Кој заслужува споменик, а кој не? Ова се прашања кои се уште одекнуваат во Соединетите Држави. Дел од паметниците, особено оние посветени на Конфедерацијата, се веќе отстранети или оштетени. Но, дебатата е поширока.

Иако протестите по смртта на Џорџ Флојд стивнаа, многу прашања останаа отворени. Во фокусот, меѓу другото се и спомениците, првенствено оние поставени низ јужните држави на САД кои биле дел од Конфедерацијата. Дел од нив беа оштетени или урнати од демонстранти и активисти, а дел беа отстранети од општинските власти.

За едни овие паметници изразуваат почит кон регионалното наследство, за други претставуваат симбол на ропството и расизмот.

Тоа е директна акција, директната акција е многу поефикасна од демократските процеси, тоа е граѓанска непослушност, вели граѓанин

Мислам дека треба да бидат однесени во музеј каде им е местото. Знаете, јас не уништувам нечија историја. Тоа е што е. Може да се согласувате или не, вели граѓанин

Но, освен генералите и борците од Граѓанската војна, цел на напади се и други личности.

Во Њујорк дел од граѓаните бараат отстранување на споменикот на претседателот Теодор Рузвелт бидејќи сметаат дека е понижувачки за домородните Американци и за Афроамериканците.

Друга мета е Колумбо, италијанскиот морепловец кој прв стигнал до Америка по што започнал и процесот за колонизација кој според критичарите имал катастрофални последици за локалното население кое веќе живеело тука.

Но, има и помалку чудни ситуации. Оваа статуа во Сан Франциско е во чест на Мигуел Сервантес, познатиот шпански писател кој бил заробен од пирати и минал пет години како роб на нивниот брод. Статуата беше оштетена од непознати сторители.

Во истата сојузна држава, Калифорнија, се бара отстранување и на споменикот на Хуниперо Сејра, шпански мисионер од 18-от век чие наследство е почитувано од Католиците, но е критикувано од многу домородни Американци.

Тој е причината за падот на нашето население, за загубата на нашите јазици, култура, религија, изјави Руди Ортега, Здружение на домородни Американци

Сепак, прашањето е многу покомплексно – многумина имаат мешано потекло па не се согласуваат со ова.

Ме боли што луѓето од мојата заедница, моето домородно и шпанско потекло, мешањето на овие две култури гледаат еден дел од своето наследство како нешто навредливо. Јас го посветив целиот свој живот во обидот да го помирам тоа, а сега пред мои очи тоа се распаѓа, вели Рубен Мендоза од Универзитет на Калифорнија

Секоја генерација мора да ги преиспита своите херои, без оглед дали станува збор за Колумбо, Сера или некој американски претседател, сметаат дел од критичарите.

Ние сега правиме историја. Кога по 100 години луѓето ќе читаат за ова во учебниците ќе видат дека сме направиле нешто за да се подобри животот во Америка, да има поголема инклузија, дополнува Руди Ортега од Здружение на домородни Американци

Оние кои се на спротивната страна велат дека критичарите не знаат доволно историја.

Да се надеваме дека оние кои сега го прават ова нема да се најдат во ситуација еден ден ним да им се оддава почит, зашто ќе дојде друга група која ќе го осквернави она што тие го направиле за општеството, појаснува Рубен Мендоза од Универзитет на Калифорнија

Откако започнаа протестите по смртта на Џорџ Флојд кон крајот на мај до сега низ Соединетите Држави се отстранети или оштетени стотина паметници. Кон крајот на јуни претседателот Доналд Трамп донесе извршна наредба која има за цел да ги заштити спомениците и во која се потенцира дека нивното намерно оштетување или отстранување е противзаконско.

Нема знаци дека дебатата наскоро ќе биде затворена. Кому треба да му биде оддадена почит, кој треба да има споменик, и уште поважно – кој треба да одлучи за тоа? Нема лесни одговори на овие прашања.

Никола Крстиќ

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста