Пандемијата во Сад драматично се развива

Во Соединетите Држави во просек се потврдуваат меѓу 150 и 200 илјади нови случаи на корона вирус секој ден. Во вакви услови, и покрај предупредувањата од здравствените власти, милиони Американци се одлучија да отпатуваат за продолжениот викенд за Денот на благодарноста. Експертите предупредуваат дека ситуацијата може драстично да се влоши.

Аеродромите, железничките станици и патиштата изминативе денови беа преполни. Милиони луѓе одлучија да ги посетат своите најблиски за Денот на благодарноста. Предупредувањата, по се изгледа, не беа доволни.

Не сме го минале Денот на благодарноста како семејство 12 години. Летовите се евтини, а јас веќе имав Ковид, па си реков – совршено, можам да одам некаде, изјави Бека Јанез

И студентите се вратија дома за празникот, а некои и за подолго. Повеќе колеџи ги откажаа предавањата и се префрлија на настава онлајн.

Претпоставувам дека немам вистински избор, вели Вил Мејсон

Во САД во моментов има околу 80 илјади хоспитализирани поради компликации од Ковид-19, а секој ден умираат меѓу илјада и две илјади луѓе. Експертите предупредуваат – најлошото можеби допрва доаѓа.

Имаме ужасни 2 до 3 недели пред нас. Ако не направиме промени во нашето однесување и политики, трите недели после тоа ќе бидат уште полоши, изјави д-р Џо Џералд, Универзитет на Аризона

Ја разбирам потребата во овој период од годината. Имавме толку тешка година и време е на празници, сакаме да бидеме со пријателите и семејството, но многу е важно да останеме дома, вели  д-р Кетрин Ли, Медицински центар Синаи

И новоизбраниот американски претседател Џо Бајден во своето обраќање до нацијата по повод Денот на благодарноста апелираше Американците попосветено да се вклучат во борбата со вирусот.

Не дозволувајте да се предадете на заморот. Знам дека можеме да го победиме овој вирус. Америка нема да ја изгуби оваа војна, изјави Џо Бајден, новоизбран претседател на САД

Актуелниот претседател Доналд Трамп, пак, изрази оптимизам – вирусот наскоро ќе бил ставен под контрола.

За време на овој Ден на благодарноста, ја изразуваме нашата благодарност кон лекарите, сестрите и здравствените работници и научниците кои се борат со овој ‘кинески вирус’ и изразуваме благодарност за вакцините и третманите кои наскоро ќе и стават крај на оваа пандемија, вели Доналд Трамп, претседател на САД

Вакцинацијата најрано би почнала кон средината на декември и тоа на почетокот само за најранливите категории на граѓани. А дотогаш бројот на нови инфекции веројатно нагло ќе порасне токму поради оние кои одлучија да патуваат за овој продолжен, празничен викенд.

Изминатава недела низ американските аеродроми минувале во просек по еден милион патници секој ден. Ова е за 60% помалку во однос на истиот период лани но е највисока бројка откако почна пандемијата.

За Алфа, од Гласот на Америка, Никола Крстиќ во Вашингтон

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста