Кривична за поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска
Седум години ветуваа нов и современ објект за на крај да го претворат во руина, пеплосана во пожар. Универзалната сала во Скопје стана жртва на односот на поранешната власт, за што веќе има и конкретна реакција од надлежните. Кривична пријава за поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска-Сточјевска за злопотреба на службената положба во случајот со преземањето на ингеренциите од Град Скопје за реконструкција на Универзалната Сала.
-Иако согласно одредбите на Законот за јавни набавки била должна да спроведе нова постапка за јавна набавка за избор на најповолен изведувач на работите за довршување на реконструкцијата на објектот, во име на Министерството за култура како наводен нарачател со правно лице од Скопје како изведувач, склучила Договор за преземање и отстапување на права и обврски од договор за јавна набавка на работи во вредност од над 115 милиони денари,, стои во соопштението на МВР.
Мвр ја товари Стојчевска, дека спротивно на законот, продолжила да работи според договорот кој претходно бил потпишан помеѓу Град Скопје и фирмата – изведувач, иако тој истекол на 4-ти август минатата година. Наместо да спроведе нов тендер, Стојчевска, врз основа не неважечки договор, исплатила околу 27 милиони денари, или 440 илади евра кон компанијата.
Согласно тој договор, министерството за култура ги презело истите права, обврски, и вредноста на проектот од претходно истечениот договор,и започнала со процедура за реконструкција на Универзална. Реконструкцијата на објектот ја започна екс градоначалникот Петре Шилегов во 2021 година, а неговата наследничка Данела Арсовска го стопираше целиот проект со објаснување дека е небезбеден.
Инаку владеачката ВМРО-ДПМНЕ ја обвини Костадиновска-Стојчевска за уште една злоупотреба на службена положба и според владеачката партија таа со службена картичка од министерството за култура купувала мечиња, куфери, ракавици, маици од брендирани производители.
Даниел Ѓорѓевски