Кривата на епидемијата излезе од контрола, ќе има ли место во болниците ?

Корона кривата долго време се држеше, колку – толку во линија, за сега целосно да се искриви по вертикала. Највисокиот данок на вирусот го плаќаат здравствените работници, а состојбата „се крпи“ со ротации на кадри од други болници. За последните 24 часа во Скопје хоспитализирани се 35 пацинети, додека вкупниот број на лица кои се на болничко лекување е 204. Бројките не лажат, и ја покажуваат вистинската слика дека состојбата е повеќе од алармантна. И министерот за здравство призна дека здравствениот систем  едвај го држи товарот на епидемијата.

“Клиниките се оптоварени, здравствените работници се навистина изморени, состојбата на сите одделенија бара постојан надзор на работата. Целиот фокус го насочивме кон клиничкиот дел. Во оваа фаза мора да се организираме и подготвиме за целосно амортизирање на напливот на пациенти.” – рече Венко Филипче, министер за здравство.

За разлика од министерот, кој повторно смирува дека ја има состојбата под контрола, првиот човек на Центарот за јавно здравје – Арбен Зибери , со поинакви зборови ја дефинира ситуацијата во здравствениот систем.

“Сега се наоѓаме во една ненормална ситуација, вонредна.И секоја помош е добредојдена, за да можеме да излеземе побрзо од кризата и да можеме на сите пацинети да им пружиме болничко лекување.” – вели директорот на ЦЈЗ Арбен Зибери.

Зибери во разговор за Алфа вели дека вториот бран бил очекуван, но не и високите бројки. На прашањето доколку продолжат овие бројки како ќе се справи здравствениот систем со епидемијата, тој вели дека ќе се потпрат на лекарите од внатрешноста, кои ќе мора да знаат како да се справат со болеста.

“Јас не се согласувам со тоа дека лекарите од другите градови не можат да се сносат со оваа реалност.Зошто пред се, сите што се лекари можат и убеден сум дека можат да помагаат.Не верувам дека лекари не можат да помагаат, нормално им треба обука.”  – вели Зибери.

Сепак, долгогодишни авторитети во медицината се сомничави дека сите лекари без оглед на специјалноста  се способни да се справат со пандемијата. Микробиологот Никола Пановски пред два дена за Алфа, изрази сомнеж дека лекарите од внатрешноста, кои доаѓаат на испомош во Скопје немаат доволно стручност да се справат со ковид позитивни пациенти.

Ања Василева 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста