Критиките од стручната фела и од родителите, за Царовска не се причина да го стопира планот за електронските учебници

Министерката Царовска не отстапува од идејата за дигитализирање на образованието. Учебниците за четврто одделение, за кои до сега знаевме, заминуваат во историјата, оти, освен што ќе се дигитализираат и програмата ќе им биде изменета. Наставниците и родителите бурно реагираат дека промените се избрзани, но Мила Царовска реакциите во јавноста ги толкува како „политизирање што ќе го влечело образованието чекор назад“.

Концепцијата е донесена пред некаде два месеци, програмата за прво одделение е донесена, објавена, автори објавени, што покажува дека сите чекори се преземени, ние апсолутно ја спроведуваме концепцијата. Јас велам дека секоја политизација на осовременување на образованието е лошо за државата – вели Царовска.

Наставниците критикуваат дека за ниедна промена во образованието не се консултирани.  Родителите гневни оти ниту нивниот глас не се слуша. Стравуваат дека нема сите да имаат финансиска моќ, да обезбедат електронски уреди..Затоа пак од МОН тврдат дека за децата кои ќе имаат потреба да испечатат учебници, тоа ќе го покриеле училиштата. И додека Царовска не попушта, критиките во стручната фела се множат:

„Ние како Независен синдикат за образование и наука, имаме бројни забелешки во однос на концепцијата и нејаснотиите како ќе се имплементира новата реформа, и на кој начин ќе фунционира“ – вели претседателот на НСОН Томислав Гиевски.

„Ќе ја прашам министерката Царовска, каде брзаш министерке со овие промени? Зошто толку реформи, концепции и се натрупано а не не прашуваш нас наставниците и родителите. Можеби си добар социјален работник но те молам извади ги розевите очила и погледни што се случува во образованието„ – вели наставникот Гоце Бумбароски.

Од септемри по нова програма ќе учат и првачињата но од учебници,согласно претходната реформа која ја најавија од Министерството. Ќе им предаваат обучени наставници, а според најавите на Бирото за развој на образованието ќе се ставело повеќе акцент на читање, слушање, зборување, со разбирање и пишување, како и на оспособување на учениците да решаваат проблемски задачи.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста