Критики од Брисел за економските политики на Владата, загрижува јавниот долг

Македонија забележа напредок, но треба да го стабилизира јавниот долг. Реформите кај даноците и пензиите бележат назадување – ова стои во економскиот дел од најновиот извештај на Европската комисија. Владата се откажала од прогресивниот персонален данок и го условила растот на пензиите само согласно трошоците за живот. Стабилизирањето на јавниот долг кој во моментов е опасно близу 60% од БДП, останува предизвик. Комисијата препорачува  Владата да обезбеди фискален простор за справување со економските последици од Ковид кризата, активно да се бори против сивата економија, да ја подобри наплатата на приходите.

„Финансиските потреби поврзани со ковид кризата придонесоа за значително зголемување на нивото на долгот во првата половина на 2020 година. На крајот на јуни, јавниот долг беше поголем за речиси 18% споредено со крајот на 2019-та година, како резултат на зголемување на државниот долг главно поради издавањето на  еврообврзницата во мај“ – стои во извештајот на Европската Комисија.

Големи критики на адреса на Владата стигнаа во делот на капиталните инвестиции кои имаат реализација од едвај 44% до крајот на септември. Комисијата има низа забелешки за лошото планирање и слабиот менаџмент на јавните инвестиции.  Владата особено потфрлила во изградбата на железничката инфраструктура.

„Изградбата на Коридорот 8 кон Бугарија се соочува со значајни пролонгирања и се завршени само 28% од активностите. Подготовките да се изгради адекватна инфраструктура близу границата со Србија, на железничката гранична станица Табановце, треба да стартуваат. Нема напредок во усвојувањето на 5-годишните планови за одржување на патиштата и железницата“ – стои во извештајот.

Слаби оценки има и во делот на финансиската дисциплина кај трансакциите во приватниот сектор и извршувањето на договорите. Комисијата нотира доцнење на повратот на ДДВ, како и доцнење на наплатата на побарувањата на фирмите од јавните институции. Сите овие проблеми дополнително ја влошувале ликвидноста на компаниите. Комисијата заклучува дека Македонија постигнала одреден напредок и е умерено подготвена да се справи со конкурентските притисоци и пазарните сили во рамките на ЕУ. Земјава била во рана фаза на подготовка во области како што се слободното движење на работниците, финансиските и буџетските одредби.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста