Критики и револт за проектот на Царовска за електронски учебници

Не стивнуваат реакциите во јавноста и дел од стручната фела, по најавата на Министерството за образование дека ќе се воведуваат електронски учебници. Од Независниот синдикат за образование велат дека имаат бројни забелешки за новата концепција. Ги револтира фактот дека сите промени што ги прави ресорното министерство се во затворен круг и за истите не се консултирани просветните работници.

Стравуваат од проблеми со недостаток на компјутери, посебно во руралните средини каде најголем дел од училиштата немаат ниту интернет.

Има училишта кои што имаат проблем со струјата, камо ли да имаат компјутери, има рурални места каде што нема интернет, значи имаме многу потешкотии, состојбата е таква и сега, но дури и во едно подобро време, откако ќе помине кризата, повторно би се соочиле со недостаток на уреди, изјави Томислав Гиевски, претседател на НСОН.

Дали општините ќе бидат спремни да им помогнат на учениците кои немаат компјутер? Прашува наставникот Гоце Бумбароски. Доколку нема никаква можност за електронско учење, трошокот за печатење на учебниците ќе падне на товар на родителите. Според Бумбароски, со ова најверојатно ќе заврши и ерата на бесплатното основно образование кое го предвидува Законот за образование. Предупредува на негативни последици, од брзите чекори на надлежните.

Позади ова се крие некоја политика која што искрено не ми се допаѓа, редно време е да се тргне политиката од образованието. Политичарите треба да знаат дека образованието не е заради дневно политички цели туку треба да се гледа 15 години напред. Ние негативните последици ќе ги почувствуваме подоцна, а сигурен сум дека ги има, бидејќи за концепцијата не се консултирани ниту наставниците ниту родителите, изјави наставникот Гоце Бумбаровски.

Иако електронските учебници од септември ќе ги користат само четврто-одделенците, концептот ќе се имплементира сукцесивно. И средношколците се против дигитализација на учебниците. Од Асоцијацијата „Средношколски глас“ најавија и протести доколку Министерството не ја повлече оваа одлука.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста