Критичните категории први на скрининг, од понеделник масовно тестирање

Здравствени работници, вработени во градинки, домови за згрижување на стари лица, припадници на полиција, возачи во ЈСП и таксисти, шалтерски работници, пациенти пред хоспитализација, како критични категории ќе се тестираат на корона вирус со скрининг метода.

Здравствените власти сметаат дека со скрининг тестирањето од следната недела, подобро ќе се процени колку ќе се олабават рестриктивните мерки и значително ќе се зголеми бројот на тестови.

Во текот на следните денови ќе биде готов новиот алгоритам и ќе се дефинира таргетираниот број на тестови што ќе се прави дневно. Кластерите по возраст и хронични болести би биле опфатени со испитувања во натамошниот период, за да се види прокуженоста на населението од овој вирус” – пишува во соопштението на Министерство за здравство.

Дебар, кој беше прво жариште во земјава, спроведе скрининг кај населението кој покажа загрижувачки резултати. Дури половина од ново детектираните пациенти, немале никакви симптоми, не знаеле дека ја имаат болеста, ниту пак биле официјално регистрирани како заболени.

Надлежните велат – намалениот број на тестирања се должи на се помалиот број на пациенти кои се сомневаат дека го добиле вирусот, а скрининг тестирањата ќе ги опфатат ризичните категории кои имаат контакт со голем број луѓе во текот на денот.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста