Критериуми, а не уцени: Премиерот Христијан Мицкоски очекува нови ветришта на европскиот пат на Македонија

Критериуми, а не уцени: Премиерот Христијан Мицкоски очекува нови ветришта на европскиот пат на Македонија

Исполнување критериуми, а не уцени од соседите. По средбите со низа видни личности од светскиот политички крем, меѓу кои и последната со францускиот претседател Емануел Макрон, премиерот Христијан Мицкоски е убеден дека конечно по повеќе до две децении, патот на Македонија кон Европската Унија ќе биде отворен врз основа на она кое што го постигнува Владата во делот на реформите, а не врз основа на билатерални проблеми, кои во моментов ги имаме со Бугарија.

-Убеден сум дека во периодот кој што следи, во заеднички разговори дека конечно после две и половина децении, патот на Македонија кон полноправно членство во рамките на Европската Унија ќе биде широко отворен и ќе се вреднува врз основа на постигнувањата и компетенциите, а не поради билатералните прашања. И убеден сум дека ќе успееме во сето тоа. Јас мојот оптимизам го темелам врз основа на сите оние средби кои што речиси пет месеци ги имам откако сме Влада. Успеавме да се сретнеме би рекол со сите релевантни светски лидери за кратко време, изјави Мицкоски.

Околу изјавата на Марта Кос, која што е кандидатка за нова еврокомесарка за проширување, дека Македонија мора да ги спроведе уставните измени, Мицкоски вели дека таа реторика може да се должи на тоа што Кос бара и очекува поддршка и глас и од бугарските европратеници, но уверен е дека сепак исполнувањето на критериумите е главен услов. И додека македонската власт чека формирање на влада во Софија, за можни средби и преговори, опозицијата во Македонија засилено бара предвремени парламентарни избори. Премиерот им одговори на Филипче и Ахмети дека избори сега нема да има, туку ќе има кривична одговорност за криминалите на претходната власт.

-Ги разбирам политичарите во опозиција дека се нестрпливи и дека мислат дека со предвремени избори ќе ги решат проблемите. Имам чувство дека за некои опозициски политичари допрва доаѓаат проблемите, кои што се поврзани со големи злоупотреби, кои што се правени во минатото, изјави Мицкоски.

Последниве пет месеци Мицкоски оствари низа билатерални средби со светски полтички лидери, меѓу кои со унгарскиот премиер Виктор Орбан чија држава е претседавач со Европската Унија и последната со францускиот претседател Емануел Макрон, кој во моментов можеби важи и за лидер во ЕУ.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста