Креирањето на откупните цени на грозјето – спрега помеѓу власта и винариите ?!

 Дали постои спрега помеѓу власта и винариите при калкулациите за формирање на годинашните откупни цени на грозјето ?! Ги манипулира ли некој и онака избезумените лозари кои незадоволни од индолентниот однос на надлежните институции и понижени со понудените откупни цени, се закануваат со масовни протести и со исфрлање на родот?! Поранешниот министер за земјоделство, Љупчо Димовски, преку фб-статус тврди дека, сопственикот на Винаријата „Тиквеш“, Светозар Јаневски, кој деновиве на лозарите им понуди понижувачки откупни цени за винското грозје, бил советник на техничкиот премиер Оливер Спасовски, а со знаење на Заев. Според Димовски, постоеле и индиции дека Јаневски земал владини субвенции за околу 300 вработени во своите фирми, а за време на изборната кампања активно помагал и едно од крилата на владеачката партија.

„И сега, старо-новиот премиер Заев, утре ќе се сретне со лозарите за да ги манипулира дека тој не знаел дека владиниот советник Свето ги манипулирал лозарите?! Тоа ќе биде дупло понижување на лозарите кои се соочуваат со најтешката криза во нивното производство и продажба на грозјето“, – пишува на фб, поранешниот министер за земјоделство, Љупчо Димовски.

Сомнежи  дека некој ги манипулира, постојат и кај лозарите. Тие се лути зошто нив никој не ги консултира кога се формираат откупните цени.

 „Тие цени се понижувачки. Маката ни ја понижуваат, затоа што тие цени се направени за провокација и тие цени ги направија во договор само со Владата, без присуство на тој што го работи лозјето, што го произведува грозјето. Без наше присуство, тие цените си ги формираат сами“ – вели за Алфа, Дано Јошев од Регионалното здружение „Тиквешки лозаро-овоштари“ од Кавадарци.

Во екот на годинашната берба на грозјето, македонските лозари имаат девет барања до Владата и до винариите, кои, ако не им бидат исполнети до утре, тогаш од четврток тие излегуваат на протести.

  Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста