Кредит од 1 милион евра за да профункционира новото претпријатие АД ГЕС

Кредит од 1 милион евра за вработување на 110 луѓе во новото претпријатие АД Градски енергетски системи. Одлуката и официјално помина на последната седница на собранието на фирмата. Компанијата која амбициозно сака да ја преземе дистрибуцијата со топлинска енергија во главниот град, ќе го зголеми основачкиот влог од 250 илјади евра за уште половина милион евра и плус планира да земе кредит од банка за да почне со работа. Со овие пари треба да се вработи кадар, со што дополнително се зголемува бројот на административци кои ќе бидат исплаќани од буџетот на Град Скопје. Граѓаните се уште не знаат зошто компанијата толку се брза за да земе кредит, кога не се знае ниту дали ќе ја добие лиценцата за дистрибуција. Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека барање за лиценца, ГЕС се уште не доставила, но дека кога до тоа ќе дојде, процесот ќе биде транспарентен. Гес најавува дека тоа ќе го стори во октомври.

„Планираните активности се базираат на предвидувањата дека на први декември ќе ја добиеме лиценцата за дистрибуција на топлинска енергија и од тој датум ќе почнеме со работа. Потребно е да вработиме 110 лица односно машински и електротехничари, електро и машински инженери, економисти и правници. Потребен ни е работен простор од 500 метри квадратни и три помали работни простории на три локации во градот односно Карпош, Центар и Аеродром за вработените кои ќе работат на одржување на топловодната дистрибутивна мрежа и топлински станици на трите реони. Исто така потребни ни се резервни делови за одржување на мрежата, алат, возила, компјутери, мебел“ – АД ГЕС.

На две недели до почетокот на грејната сезона, се уште не се знае кој ќе ги грее Скопјани. На 15 октомври, оваа обврска , како и секоја сезона ќе ја почне БЕГ. И покрај плановите на Град Скопје, преку АД ГЕС, да му ја земе лиценцата, БЕГ на големо, се подготвува за новата сезона.

„Потрошувачите, заедниците на сопственици и управителите да проверат дали грејните инсталации во објектите се подготвени за грејната сезона. Со цел испораката на топлинска енергија од системот за централно греење да се одвива непречено, потребно е потрошувачите да ги завршат интервенциите на внатрешната инсталација пред почетокот на грејната сезона и тоа да го пријават во Центарот за грижа за потрошувачи“ – велат од БЕГ.

БЕГ има лиценци за дистрибуција и производство со рок на важење од 35 години, а за снабдување на 10 години. Трите лиценци, БЕГ ги доби во 2013 година. Шилегов, пак, преку новото претпријатие, најави дека планира да ги врати 14-те илјади исклучени домаќинства од системот назад. Тврди дека ќе им биле понудени атрактивни тарифи за да го направат тоа.

Тања Попова