Крај на учебната година без свидетелства

Последниов месец граѓаните се жалат дека не можат да извадат лични карти и пасоши, повеќе од три месеци нема регистарски таблички, а сега информацијата дека има недостиг и од свидетелства предизвика лавина реакции во јавноста. Освен деветтооделенците и матурантите, кои ги подигнаа документите поради потребата за во средно училиште односно на факултет, сите други ученици ќе чекаат до 31 август да ги земат своите свидетелства. Причината како што информираа од Бирото за развој на образование била дека поради моменталната ситуација не можело да се организираат свечености па затоа учениците нема да можат да ги земат, иако мерките за заштита од корона вирусот се речиси целосно олабавени.

Имајќи предвид дека училиштата во вакви услови не можат да организираат настани за делење на свидетелства, ве известуваме дека оваа учебна година свидетелствата ќе им бидат дадени на учениците до крајот на оваа година, врз основа на член 138 став 5 од Законот за основно Образование – информираа од Биро за развој на образование.

Информацијата дека во брзо време нема да се доделуваат свидетелства предизвника низа негативни реакции.

  • Има ли нешто што има; возачки дозволи, пасошо, лични карти свидетелства, да не набројуваме…во ваква мизерна состојба Македонија никогаш не била
  • Да не се секираме, брилијантната Мила дигитални ќе ни воведе
  • Дали има нешто нормално во оваа држава?
  • Срамота, децата се мачеа цела година, и кога да земаат свидетелства да нема, луѓе како нема пари за свиделества?
  • Брука и голема сраамота – се само дел од коментарите.

И претседателот на Синдикатот за образование Јаким Неделков алармираше дека станувало збор за проблем на државно ниво. Како што рече, проблем било нереализирана тендерска постапка за тоа кој ќе ги печати свидетелствата.

Во меѓувреме, проблемот да се извадат лични документи трае. Граѓаните постојано се обидуваат да закажат термин за пасош или лична карта, но не можат да го добијат операторот кој треба да ги информира кои термини се слободни. Од МВР информираа дека проблемот бил поради надградба на системот. Голем дел од граѓаните се жалат и дека не можат да ги возат своите автомобили бидејќи не можат да ги регистрираат, а пробните таблички траат само пет дена.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста