Крах на платформата за онлајн учење уште на првиот тест

Блокирана и нефункционална – националната платформа за учење на далечина крахираше на првиот ден од тест периодот. Учениците кои денеска имаа закажано пробен час не успеаја да се вклучат на платформата бидејќи таа утрово не работи. Обидот за логирање кај илјадници родители и ученици остана безуспешен – на серверот на платформата само пишува оти се јавила грешка.

Информатичарот Борче Стаменов, кој преку својата организација „Донирај Компјутер“ со ИТ опрема обезбедил близу 400 социјални семејства, вели оти еден солиден компјутер согласно перформансите наложени од МОН чини околу 25.000 денари. Според него, платформата е оперативна и на компјутери со послаби конфигурации, но проблеми се јавиле со лошата интернет конекција која може да предизвикува прекини во часовите.

„Скоро никој да нема таква конфигурација дома, ретки се луѓето кои можат да си го дозволат тоа. Такви конфигурации ако гледаме за цена би можеле да коштаат од 20.000 денари за десктоп, а до 25.000 денари па нагоре за лап топ. Дознав дека и машина стара 7 – 8 години може да заврши работа, единствено би можело компјутерот да се преинсталира со нов оперативен систем за да се исчисти од вируси. Сите како проблем го наведуваат интернетот“ вели Борче Стаменов од „Донирај Компјутер“.

Од МОН се правдаат, велат токму во оваа фаза се детектирале сите предизвици со цел да се постигне целосна функционалност на платформата.

„Во тест фазата се детектираат и надминуваат сите предизвици.  Со цел да обезбедиме потполно функционална платформа до почетокот на учебната година тестирањата продолжуваат и во наредните денови“, информираат од МОН.

Родителите со денови алармираа оти надлежните доцнат со изработка на онлајн платформа. Доказ дека се брза со подготовките е и фактот што на ученици од трето и четврто одделение од едно штипско училиште пробниот час им бил закажан за денеска во 20 часот. Родителите се бесни, велат децата на таа возраст во тоа време треба да се во кревет, а не пред компјутер.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста