Kовид-позитивните затворенци од битолскиот затвор се закануваат со протест на свои роднини

       Позитивниот Ковид-затвореник од битолскиот Затвор, кој веќе десетина дена од надлежните институции бара да биде пуштен на домашно лекување, се заканува дека од петок, негови роднини, како и роднините на неколку други, исто така заразени осуденици, ќе организираат протести пред Установата. Тој тврди дека и покрај значително нарушеното психо-физичко здравје и наодот од лекарите дека требало да се лекува приватно, сепак бил изманипулиран. Вели, дека не помогнале ниту службените барања кои уште пред Нова година ги достивил до Судот, Обвинителството и Управата за извршување санкции.

  „Ми ја прекинаа терапијата, не земам никакви апчиња, никаква терапија. Ми викаат дека сум добар, а никој не ме прегледал дали сум добар, дали не сум добар…Имам и психолошки проблем, а имам и некоја бактерија во крвта….Од петок ќе организираме големи протести пред Затворот, значи 24 часа ќе бидат пред Затворот нашите фамилии, оти не сум само јас болен, овде има и други болни и од петок ќе го блокираме Затворот од надвор…околу 500 луѓе ќе има на протестот….“ – вели нашиот соговорник.

    Нашиот соговорник вели дека в петок, на протестот ќе биле презентирани и видео материјали за наводни криминални дејствија кои се случувале во Установата.

   Од друга страна, директорот на битолскиот Затвор, Драган Кајевски тврди дека во овој случај постапено е според сите законски процедури и дека сега одлуката е на надлежните институции.

  „Судот калкулира, бара известување од Обвинител, праќа вештак. Значи таа е цела процедура официјална, која што ним не им се исплаќа оти подолго време треба…Ним им требаше одма да излезат за празниците, за Нова година…“, – објаснува Кајевски.

    Инаку, во моментов во битолскиот Затвор има 18 позитивни осуденици. Првите случаи се појавија пред  десетина дена кога од 20 тестирани, дури 16 излегоа позитивни на вирусот, а имаше и еден починат, кој бил вработен во затворската кујна.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста